01 мај 2026
• од Тодор Вангелов
Опозициската партија СДСМ остро реагираше на денешните изјави на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, обвинувајќи го дека шири „класични лаги“ и однапред подготвува оправдување за неуспехот на реформскиот процес.
Во партиското соопштение, СДСМ тврди дека Мицкоски најавил нова стратегија според која, доколку во јуни нема напредок во реформите, вината ќе ја префрли врз опозицијата, обвинувајќи ја дека го блокира Изборниот законик.
„Ова е класична лага на Мицкоски“, наведуваат од СДСМ, потенцирајќи дека владејачкото мнозинство има доволно гласови во Собранието за самостојно носење закони. Тие потсетуваат дека укинувањето на техничката влада било изгласано без поддршка од нивна страна, што, според нив, е доказ дека власта не зависи од СДСМ за законодавни процеси.
Од партијата оценуваат дека на власта „не ѝ треба СДСМ за закони, туку изговор кога ќе пропадне“.
СДСМ дополнително го обвини Мицкоски дека неосновано ветувал брз напредок кон Европската унија, вклучително и дека земјата наскоро ќе биде „рамо до рамо со Црна Гора“. Според нив, ваквите изјави служат за создавање нереални очекувања кај јавноста.
Во реакцијата се наведува дека владата нема да ги исполни клучните обврски до јуни, меѓу кои внесување на малцинствата во Уставот, затворање на осумте отворени реформски точки и решавање на, како што велат, проблемите поврзани со криминал, корупција и влијание врз судството и медиумите.
СДСМ го обвини Мицкоски и за, како што наведуваат, претходни „неисполнети ветувања“, меѓу кои враќање на уставното име, укинување на Преспанскиот договор и економски напредок.
„Сега подготвува нова лага – дека СДСМ е виновен за неговиот неуспех“, стои во соопштението.
Од партијата порачуваат дека нема да дозволат да бидат „вовлечени во лагите“, додавајќи дека граѓаните „јасно гледаат кој ја блокира Македонија на патот кон Европа“.
Бугарија и бугарскиот народ го одбележуваат Априлското востание и неговото наследство
Трамп најави укинување на тарифите за виски по посетата на британскиот крал и кралица
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

