05 септември 2026
• од Темелко Тошев
Универзитетскиот професор и поранешен министер, Љубомир Фрчкоски, упати остри критики кон црковната дипломатија и начинот на кој се одвива процесот за признавање на автокефалноста на Македонската православна црква, нарекувајќи го документот добиен од Српската православна црква (СПЦ) „псевдо-томос“ и директно предавство на македонските национални интереси.
Според Фрчкоски, она што МПЦ-ОА го доби од Белград не претставува вистинско и конечно признавање. Тој предупредува дека со овој потег, македонските светилишта не ни се дадени како наше трајно сопствеништво, туку исклучиво на користење, со скриени задршки од српска страна.
„Дури не ни го даваат конечно тоа што е наше практично, туку ни го даваат на користење. Нешто ни даваат некои цркви што мислат дека се нивни, веројатно задржуваат некои гробишта, некои споменици и така натаму кои се под тоа. Се покажува дека овој томос на признавање кој Србите ни го даваат е всушност псевдо-томос, не е вистински, бидејќи е само билатерално признавање“, истакнува Фрчкоски, додавајќи дека со ваквиот потег црквата повторно е спуштена на едно пониско ниво.
Користејќи сликовит спортски речник, професорот објаснува дека е пропуштена историска шанса за целосно и универзално признавање преку Вселенската патријаршија, обвинувајќи внатрешни структури за саботирање на тој процес.
„Ја испуштивме шансата да дадеме гол од пенал, на празен гол. Изборивме процедура до Цариград и одеднаш нашава српска инсталација во Црквата нè враќа назад“, дециден е тој.
За Фрчкоски, ваквиот развој на настаните претставува класично предавство, не само на националните, туку и на суштинските интереси на самата Црква. Тој го поставува клучниот проблем – зошто се дозволило билатералното српско признавање да добие примат пред она од Вселенската патријаршија.
„Нема одговор зошто. Дали сметаат дека српското признавање е повеќе од Константинополското општо признавање? Надлежен за општо признавање, каде што сите мора да нè прифатат, е само Цариградската патријаршија, а ние тоа го губиме за да добиеме признавање од Белград“, заклучува Фрчкоски, оставајќи отворено прашањето за вистинските мотиви зад овие црковно-дипломатски чекори.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

