05 септември 2026
• од Темелко Тошев
Универзитетскиот професор и поранешен министер, Љубомир Фрчкоски, упати остри критики кон потезите на црковниот врв поврзани со процесот за добивање признание на Македонската православна црква, посочувајќи дека со своите постапки, МПЦ свесно ја саботирала општата автокефалност.
Анализирајќи ги црковно-дипломатските односи, Фрчкоски смета дека одбивањето и пропаѓањето на директната иницијатива од Цариградскиот патријарх довело до заладување на односите и непотребна дистанца со Вселенската патријаршија. Според него, црквата сега се наоѓа во статус-кво ситуација.
„И сега ние сме повторно во лер. Сега повторно чекаме. Сега не знаеме што чекаме“, истакнува Фрчкоски, коментирајќи го застојот во односите со Цариград.
Осврнувајќи се на признавањето кое дојде од Белград и Москва, професорот децидно тврди дека тоа не претставува конечна победа, туку парцијално решение кое ја загрозило главната цел.
„Сега имаме автокефалност од Србите и од Русите признаена, но не и од другите. Општа автокефалност немаме. Тие што требаше да ни ја дадат ги наљутивме, направивме сè за да бидеме непријателски расположени кон нив. Во момент кога немавме апсолутно никаков национален интерес да го правиме тоа, ние си пукавме директно во колено“, вели Фрчкоски.
Посебен акцент во неговото излагање е ставен на историскиот апсурд. Тој потсетува дека токму центрите кон кои сега МПЦ покажува сервилност, историски биле најголеми противници на македонската државност и црковна самостојност.
„Важно нашите ментори, Србите и Русите, историски секогаш биле против македонска национална независна држава и македонска црква. Историски, тие беа против ВМРО, против независна држава на Балканот кон крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век – секогаш против. И сега ние клекнуваме пред нив. Излегува дека ни е подобра автокефалност од нив, билатерална и парцијална, отколку од клучот кон кој ние припаѓаме, а тоа е хиерархијата на Цариградската патријаршија“, заклучува Фрчкоски.
Изјавата на Фрчкоски доаѓа во период на исчекување на конечниот расплет за статусот на МПЦ-ОА и добивањето на официјалниот Томос од Вселенската патријаршија, процес кој се искомплицира по паралелните преговори и прифаќањето на томосот од Српската православна црква.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

