04 септември 2026
• од Темелко Тошев
Почетокот на новата учебна година традиционално носи радост за најмладите, но зад свечените честитки се крие поразителна демографска слика со која државата мора отворено да се соочи. Новинарот и аналитичар Љупчо Зиков алармираше за драстичниот пад на бројот на запишани првачиња во училиштата, предупредувајќи дека овој негативен тренд не претставува изолиран случај, туку долгорочен процес кој зема загрижувачки замав.
Иако упати честитки за среќен почеток до сите најмлади ученици, Зиков оцени дека реалноста во образованието и општеството на први септември е горчлива.
„Со сите честитки на првачињата, еве да се придружам и јас кон честитките. Сепак, мачна е таа бројка и статистика со која треба да се соочиме на први септември – дури три илјади првачиња помалку од лани се запишани во прво одделение. Ако се погледне наназад, трендот низ годините покажува уште полоша состојба. Од 2021 и 2022 година, по пандемијата на короната, имаме драматичен пад на запишувањето на нови деца. Се плашам дека тоа ќе продолжи и во годините нанапред“, нагласи Зиков.
Тој упати директна критика и кон реториката на домашните политичари, потенцирајќи дека ваквите сериозни прашања не смеат да се сведуваат на флоскули и популистички совети кон граѓаните.
„Како интелектуалец, граѓанин и човек што професионално ги следи овие работи веќе 35 години, не можам да се согласам со овие патерналистички, татковски и мајчински инстинкти на нашите политичари. Денеска, на пример, имаше изјави од типот: 'кај што има сестра да има и братче, кај што има братче да има и сестра'. Ваквите пораки не го решаваат суштинскиот проблем“, потенцира тој.
Прашањето за наталитетот, иселувањето на младите семејства и сè попразните училници останува еден од најголемите предизвици со кои се соочува македонското општество во изминативе години.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

