04 септември 2026
• од Темелко Тошев
Фирма со скромна деловна историја и без ниту еден денар приход лани, за само неколку дена потроши речиси 4 милиони евра за да стане сопственик на двата историски значајни хотели во главниот град.
Скопските хотели „Јадран“ и „Бристол“, објекти со големо историско и архитектонско значење за главниот град, летово добија нов сопственик. Но, она што привлекува внимание во јавноста не е самата продажба, туку необичната заднина на купопродажбата и профилот на фирмата која стои зад неа.
Според истражувањето на Призма (БИРН), базирано на документи од државниот Катастар, новиот сопственик на овие вредни објекти е компанијата „ГМ проперти“ – фирма со куса деловна историја која во текот на минатата година не остварила никаков приход.
Купопродажбата се одвивала со неверојатна брзина во текот на летниот период. Според податоците, на 25 јули „ГМ проперти“ го купува хотелот „Бристол“ за сума од околу 1,9 милиони евра. Само три дена подоцна, истата компанија исплаќа речиси идентична сума и за хотелот „Јадран“, објект кој поради своите уникатни архитектонски вредности се наоѓа под државна заштита.
Човекот кој формално ги презема овие објекти е Емил Кратовалиев. Иако сега е сопственик на два познати скопски хотели, неговото име е целосно непознато во угостителскиот бизнис, а нема ниту портфолио на крупен инвеститор. Од јавно достапните податоци може да се види дека неговото досегашно искуство е главно поврзано со членство во управни одбори на осигурителни компании. Тој досега одбива да одговори на новинарските прашања во врска со зделката.
Истражувањето открива уште еден интригантен детал – поврзаноста на новиот сопственик со бизнис-милјето кое претходно управуваше со објектите. Во центарот на вниманието се најде Зоран Антиќ, познат бизнисмен, фронтмен на брендот „Фешн груп“ и инвеститор во градежни објекти, кој до неодамна беше акционер во АД „Македонијатурист“ (компанијата која ги продаде хотелите).
Она што е особено симптоматично е тајмингот на потезите кои Антиќ ги повлекол непосредно пред милионската продажба. Имено, во рок од само еден месец, тој формално излегол од двете страни на трансакцијата.
Прво, во март оваа година, Антиќ му го продал својот удел во фирмата-купувач „ГМ Проперти“ токму на Кратовалиев. Веќе следниот месец, во април, Антиќ се повлекол и од продавачот „Македонијатурист“, каде што поседуваше дури 15 отсто од акциите.
Исто како и Кратовалиев, и Антиќ ги игнорира прашањата од медиумите за овие деловни потези, оставајќи ја јавноста во небиднина околу вистинските мотиви за купопродажбата и понатамошната судбина на „Јадран“ и „Бристол“.
Дали станува збор за разработен план за преземање на атрактивни градежни локации во строгиот центар на Скопје или за нешто сосема друго, останува да покаже времето.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

