04 септември 2026
• од Темелко Тошев
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција во Собранието упати остри критики до актуелната власт предводена од Христијан Мицкоски, обвинувајќи ја за неконтролирано задолжување кое, според него, ја води државата кон финансиска провалија.
Филипче алармираше дека вкупниот јавен долг наскоро би можел да достигне невидени размери од речиси 12 милијарди евра, што би претставувало околу 65% од бруто домашниот производ (БДП).
Според лидерот на опозицијата, Владата подготвува ново задолжување од дури 1,3 милијарди евра – сума која, како што нагласи, воопшто не е предвидена во неодамнешниот ребаланс на Буџетот.
„Дали со тоа планираат да го прекршат Законот за буџет?“, праша Филипче, покажувајќи документ кој наводно ги потврдува плановите за новиот долг. Тој ја искористи приликата да ја критикува економската политика на власта, доведувајќи ги во прашање тврдењата за економски раст.
„Колку треба да биде очаен човек да каже дека расте бруто домашниот производ, а при тоа, секојдневно, брутално и сè повеќе ја задолжува земјата? Затоа што, ако економијата добро работи, тогаш ќе се задолжуваме со помалку пари и вкупниот долг ќе се намалува, а нема да се зголемува”, посочи претседателот на СДСМ.
Речиси 4 милијарди евра нов долг за две години?
Според пресметките што ги презентираше Филипче, динамиката на задолжување под раководство на Мицкоски е загрижувачка. Тој потсети дека последната влада на СДСМ во 2024 година оставила јавен долг од 8,5 милијарди евра.
„И имаме нови 2,5 милијарди евра, само до сега, и дополнителни нови 1,3 милијарди евра. Скоро 4 милијарди евра нов долг. За само 2 години и неколку месеци од владата на Христијан Мицкоски”, истакна Филипче, заклучувајќи дека власта „ниту има капацитет, ниту стратегија, ниту план, ниту желба да направи нешто добро за граѓаните. Само брутално задолжување”.
Сомнежи за унгарскиот кредит
Тема на прес-конференцијата беше и контроверзниот унгарски кредит од една милијарда евра. Филипче потсети дека овој заем е предмет на истрага и фрла дамка врз меѓународниот углед на државата.
„Заемот поради којшто сега цела Европа и цел свет знае дека владата, на чело со Христијан Мицкоски, е под истрага и се сомневаат во нелегални процеси”, рече тој, прашувајќи јавно каде завршиле тие пари и дали граѓаните виделе некаков бенефит од нив во време на криза.
СДСМ ќе бара минималец од 600 евра
Како одговор на растечките трошоци за живот и, според него, отсуството на соодветни владини мерки, Филипче најави дека СДСМ повторно ќе иницира законски измени за зголемување на минималната плата.
„Бараме минималната плата да се качи на 36.000 денари, односно 600 евра, со што барем некако ќе закрпат граѓаните, стандардот ќе им се подобри, ќе можат да се консолидираат семејните буџети во пресрет на тешките есенски месеци”, најави лидерот на СДСМ.
За да се заштити стопанството од овој товар, тој предложи државата да ги субвенционира придонесите за приватните компании за разликата која би произлегла од зголемувањето на минималната плата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

