10 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Претседателката на С. Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, за време на нејзината посета на Софија предизвика бура реакции во тамошните медиуми. Таа одби да одговара на новинарски прашања поставени на бугарски јазик и јасно порача дека промената на македонскиот Устав не е во нејзина надлежност. Но, оваа изјава отвори и една неочекувана дилема на домашната политичка сцена.
Сиљановска престојува во Бугарија за да учествува на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), но нејзините одговори кон бугарските новинари беа главна тема.
На обидот од страна на новинарите да ѝ постават прашање на бугарски јазик, претседателката одлучи да одговори на англиски јазик, истакнувајќи:
„Не мислам дека разбирам доволно за да ви одговорам. Јас сум претседател.“
Кога беше запрашана дали Македонија ќе го промени својот Устав за да ги впише Бугарите, Сиљановска прашањето го оцени како „многу чудно“ и возврати со остра порака:
Таа категорично нагласи дека промени во највисокиот државен акт може да направи единствено Собранието, а не шефот на државата.
„Пратениците ги претставуваат граѓаните и нивните барања. Тие не ме претставуваат мене, затоа не можам да одговарам во нивно име. Трeба нив да ги прашате,“ дополни претседателката. На прашањето кога би можело да се очекува некаква промена, таа појасни дека предлог за уставни измени може да биде поднесен само од 30 пратеници или од самата Влада.
Сепак, тврдењето на претседателката дека не разбира бугарски јазик отвора сериозни прашања доколку се потсетиме на нејзината неодамнешна претседателска кампања.
Имено, во еден од предизборните спотови (нарачан од ВМРО-ДПМНЕ), на работната маса на тогашната кандидатка јасно се забележува стручна литература на бугарски јазик. Во крупен кадар е прикажана книгата „Конституционно право“ од бугарскиот професор д-р Стефан Стојчев.
Овој детаљ легитимно во јавноста го наметнува прашањето: Ако нашата претседателка не разбира бугарски јазик, како што изјави пред бугарските новинари, тогаш како ја чита и ја користи стручната литература што ја поседува? Дали станува збор за контрадикторност во изјавите или, пак, ова е намерна политичка провокација кон Софија токму во овој исклучително чувствителен момент? Односите меѓу двете земји се затегнати, а од Северна Македонија директно се бара да ги внесе Бугарите во Уставот за да го продолжи својот пат кон Европската Унија. Останува да се види дали кабинетот на претседателката ќе излезе со појаснување за овој очигледен парадокс.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

