09 јуни 2026
• од Темелко Тошев
По натписите во медиумите и јавните поплаки од револтирани туристи кои социјалните мрежи ги преплавија со сведоштва за закани, фрлање камења и пуштање кучиња на локалитетот Куклица, конечно со официјален став излезе и Општина Кратово.
Одлуката на локалната самоуправа да проговори јавно само го потврди она што со години е јавна тајна: државата и општината се немоќни пред самоволието на поединци кои со години приватно го наплаќаат и узурпираат овој заштитен споменик на природата.
Скандалот изби на виделина откако граѓани и посетители за медиумите посведочија за вистински хорор додека се обидувале да ги посетат познатите земјени пирамиди. Според нивните сведоштва, маж и жена на дрзок начин им барале пари за влез, а доколку туристите одбивале или прашувале за фискална сметка, биле изложени на сериозни притисоци.
Посетителите се жалат на континуирано заплашување, лажно претставување од страна на узурпаторите, закани со агресивни кучиња, па дури и физички напади и гаѓање со камења кон секој што ќе одбие да им плати „рекет“ за да прошета низ локалитетот.
Од Општина Кратово, преку објава на социјалните мрежи, ја потврдија целата ситуација и признаа дека и самите се жртви на истите насилници. Од локалната самоуправа велат дека проблемот им е одамна познат, но дека со години се спречени да управуваат со сопствениот локалитет.
„Подолг временски период локалитетот е бесправно и неосновано узурпиран и држан во владение од страна на Здружение ’Извор‘ – Кратово, одговорното лице Милош Димитровски, како и неговата ќерка Стојна Димитровска Боотх. Наведените лица вршат неосновано и бесправно управување со просторот, присвојување на права кои не им припаѓаат, како и противправно збогатување преку неовластена наплата на влезници од посетители и туристи. Дополнително, истите лица вршат сериозно загрозување на сигурноста и безбедноста на посетителите преку заплашување, лажно претставување, насилничко однесување и заплашување со кучиња“, се вели во соопштението на Општина Кратово.
Од таму додаваат дека овие лица вршат сериозно загрозување на сигурноста на сите кои ќе стапнат таму, вклучително и на општинските инспекции и вработени кои едноставно не можат да пристапат до местото.
За случајот да биде уште поапсурден, Општина Кратово веќе го добила спорот на суд. Во март годинава, Основниот суд во Кратово донел пресуда во полза на општината, со која јасно се потврдува дека здружението „Извор“ бесправно стопанисува со Куклица.
Сепак, узурпаторите ја обжалиле одлуката, па случајот во моментов е заглавен на второстепена судска инстанца во Апелациониот суд. Ова практично им ги врзува рацете на општинарите, бидејќи административните лавиринти го оддолжуваат конечното решение.
Од локалната самоуправа уверуваат дека штом пресудата стане правосилна, ќе се дејствува брзо и ефикасно преку овластен извршител и со силна асистенција на Министерството за внатрешни работи (МВР), со цел Куклица конечно да биде ослободена и вратена во рацете на граѓаните и вистинските туристички работници.
До тогаш, останува отворено прашањето: Кој ќе ја преземе одговорноста доколку на локалитетот настрада некој турист, додека институциите со години чекаат хартија за да си го вратат сопствениот имот?
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

