09 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Откако во јавноста одекна веста дека поединци диво наплаќале за влез во природниот феномен „Камени Кукли“, социјалните мрежи зовреа. Граѓаните се во неверување како е можно со години неколку луѓе да малтретираат туристи, додека локалните моќници креваат раменици.
Дека проблемот не е од вчера, потврдија и од Министерството за внатрешни работи. Од таму за „Скопје Инфо“ посочија дека случајот бил пријавен во ОВР Кратово уште во 2024 година, по што до Основното јавно обвинителство Куманово било испратено известување за преземени мерки.
Но, додека предметите скапуваат по фиоки, на терен „бизнисот“ со узурпација си терал без проблем.
На ваквиот заспан систем брутално искрено реагираше познатата инфлуенсерка Ина Многуфина. Таа во својот Фејсбук статус директно удри по Општина Кратово и нивното „перење раце“ од одговорноста.
„Побрза Општина Кратово да се претстави како жртва во случајот со узурпација, демек еве ние пуштивме кривична ама они жалба и ете чекаме, ние нашето го завршивме, а оние со години наплаќаат и никој ништо не превземал да ги заштити граѓаните. Демек на ДПИ, УЈП и други институции не можеле да се јават? МВР не можело да се алармира на повисоко ниво?“ – прашува Ина.
Таа повлече паралела и со Општина Крива Паланка, посочувајќи дека локалните власти се однесуваат како да се немоќни пред неколку проблематични фамилии кои го малтретираат населението. „Ко да имаме фолклор на попуштање на тие што прават глупости“, додава таа.
Ина Многуфина во својата реакција ја отвори Пандорината кутија и за други институционални фејлови кои деновиве ја брануваат јавноста – од лажните млечни декларации до „фантомските“ вработени во ИЈЗ кои не оделе на работа, а земале плата.
„Од друга страна, некој што никого не малтретира, што пази на се, се обидува да се вклопи во сите промени, закони, казни, да закасни со нешто месец-два – ќе му се натоварат институции за секунда. Ама молим те, булињата да не ги закачаме, знаеш, попаметниот попушта“, иронично коментира таа.
Заклучокот е поразителен. Да не се социјалните мрежи за да се крене врева, јавноста немаше ни да знае колку се инертни локалните моќници. Најскандалозен, сепак, останува обидот на Општината да изиграва немоќна жртва.
„Ама чим излезе веста ете сите се жртви и они се направиле ама на друго место се чека. Општина Кратово изјави 'и нас не не пуштаат да влеземе'. Со цел памет кажаа такво нешто, еј институција и градоначалник избран од народот!“, поентира Ина во својата објава.
Останува прашањето: Ако Општината и градоначалникот креваат раце пред локални насилници, кој треба да ги заштити граѓаните и туристите? Изгледа, во оваа држава, законот важи само за оние кои решиле да бидат чесни.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

