18 септември 2026
• од Темелко Тошев
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, изјави дека казната која Специјалниот суд ја изрече за лидерите на ОВК е толку строга што не би ја донеле ниту судовите на Слободан Милошевиќ.
„Ниту судот на фашистот Милошевиќ не би изрекол толку висока казна за овие соборци, за кои вчера Специјалниот суд ја соопшти пресудата. Секако дека оваа одлука беше примена со гнев, револт и остри реакции од огромното мнозинство Албанци. Да не речеме дека нема и такви кои се израдуваа, но тие се мал број. На оваа казна најмногу ѝ се израдува Белград. Денеска дури и македонските политички партии излегоа со поддршка за припадниците на Ослободителната војска на Косово (ОВК). Ова сега се претвори во битка меѓу ослободителите и окупаторите“, рече Ахмети во директното вклучување во емисијата „Off the Record“ на А2ЦНН.
Ахмети истакна дека се осудени луѓе кои го бранеле сопствениот праг и своите семејства, изразувајќи неверување дека судот не ја зел предвид големата жртва на ОВК. Според него, и покрај ужасите со кои биле соочени, борците на ОВК биле едуцирани дека се борат за слобода и за иднина, а не за одмазда, притоа почитувајќи ги сите меѓународни конвенции за војување.
Лидерот на ДУИ смета дека судскиот процес целосно деградирал и отстапил од својата првична цел.
„Овој процес започна со 'Жолтата куќа', преку која антиалбанските актери од Белград сакаа да го вмешаат целиот албански народ во војната, тврдејќи дека и Албанија учествувала во варварски чинови како трговија со човечки органи. Затоа, не само Косово, туку и Албанија и Албанците надвор од Косово, како оние во Македонија кои не се мало малцинство, мора да го кренат својот глас бидејќи овој процес забега од почетната намера“, нагласи Ахмети.
Тој порача дека сега на потег се косовските власти, кои имаат одговорност добро да се организираат во дипломатијата и пред меѓународната правда. Според Ахмети, неопходно е да се стави соодветен епилог на овој „нечесен процес“, потсетувајќи дека ОВК била доброволна војска формирана со цел да го заштити народот од организирани масакри.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

