18 септември 2026
• од Темелко Тошев
Православната црква и нејзините верници денеска го одбележуваат споменот на Светиот пророк Захарија и праведна Елисавета, кои во христијанската историја се познати како родители на светиот Јован Претеча (Крстител).
Свети Захарија бил свештеник кој служел во ерусалимскиот храм, додека неговата сопруга Елисавета била ќерка на Совија, сестрата на света Ана, мајката на Пресвета Богородица. Нивната животна приказна е сведоштво за длабока вера и Божјо чудо.
Како што е запишано, еден ден додека Захарија служел во храмот, во олтарот му се јавил Божји Ангел – Архангел Гаврил. Тој му ја пренел радосната вест дека неговата жена Елисавета, и покрај нивната длабока старост, ќе роди син според нивните молитви. Кога Захарија се посомневал во зборовите на ангелот, тој онемел и не проговорил сè додека детето не се родило. Откако Захарија на табличка напишал: „Јован му е името“, устата му се отворила и почнал да Го велича Бога.
Нивниот живот подоцна бил обележан со големи искушенија. Во времето кога царот Ирод почнал да ги убива децата во Витлеем, тој испратил војници да го убијат и малиот Јован, кој тогаш имал само година и пол. Гледајќи ги војниците како се приближуваат, праведната Елисавета го зела детето и побегнала во пусти и каменливи предели. Во очај повикала кон гората: „Горо Божја, прими ја мајката со дете!“, по што според преданието, карпата се отворила и ги сокрила внатре. На тоа место се отворила пештера, потекла вода и израснала плодородна палма.
Разјарен што не успеал да го најде Јован, царот Ирод наредил Захарија да биде заклан пред олтарот. Неговата крв, како што вели преданието, се истурила врз мермерот и се стврднала како камен, останувајќи како вечно сведоштво за злосторството.
Четириесет дена по смртта на нејзиниот сопруг, блажената Елисавета се упокоила, а младенецот Јован останал сам во пустината. Тој бил чуван од Божјата Промисла и хранет од Ангел сè до денот кога требало да се појави на реката Јордан.
Денешниот празник е потсетник за силата на молитвата, непоколебливата вера и Божјата заштита над праведниците.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

