29 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Шест дена мрак, учење под свеќи и туширање со ладна вода. Ова е суровата реалност за студентите сместени во студентскиот дом „Никола Карев“ во Охрид, кои во самиот ек на испитната сесија се оставени без основни услови за живот. Додека студентските платформи алармираат, раководството на домот и Министерството за образование и наука (МОН) молчат.
Од студентскиот дом даваат само оскудни информации, потврдувајќи го прекинот на електричната енергија, но со апсурдно оправдување дека во домот „нема студенти бидејќи е лето“.
Платформата „Студентарија“ остро реагираше на состојбата, посочувајќи дека ова не е првпат студентите во Охрид да бидат жртви на неажурноста на институциите. Според сведочењата, причината за прекинот на струјата се повторно неплатени сметки.
„Ова е само продолжение на состојбата. Во февруари годинава, во овој студентски дом беше прекинат пристапот до електрична енергија повеќе од 30 часа поради три неплатени сметки. Од пред неколку недели студентите немаат пристап ниту до топла вода, а како привремено решение добија клучеви од само три соби кои имаат бојлери. Сега, поради прекинот на струјата, нема вода ниту во тие простории,“ реагираат од „Студентарија“.
Апсурдот е уште поголем бидејќи прекинот на електрична енергија е изолиран само во домот – светлата и бојлерите во околната населба функционираат беспрекорно.
Покрај немањето струја и топла вода, студентите реагираат и на катастрофалниот квалитет на исхраната. Според информациите од терен, менито на студентите изгледа вака:
„Во период кога веќе се соочуваат со сериозни проблеми, ваквата исхрана само дополнително го потврдува ниското ниво на грижа за студентскиот стандард,“ забележуваат од платформата.
Иако утре е последниот ден за престој во студентските домови за оваа академска година и студентите треба да ги пакуваат своите работи во мрак, раководството на домот има поинаква слика за реалноста.
На новинарските прашања зошто студентите се оставени во вакви услови, од домот не понудија решение, туку само кратка потврда.
„Да, точно е дека нема струја во домот. Но, да знаете дека нема ниту студенти. Празно е, лето е, сите се заминати,“ изјави кратко домарот на рецепцијата, ветувајќи контакт со директорот, кој досега останува недостапен за јавноста.
Од „Студентарија“ прашуваат до кога МОН и надлежните ќе го игнорираат проблемот за кој јавно се алармира со денови.
„Нема објаснување за прекинот, нема рок за отстранување на дефектот. Студентите не бараат луксуз. Бараат струја, вода, пристојна храна и достоинствени услови за живот. Тоа не се привилегии, туку минимум што државата е должна да им го обезбеди!“, децидни се студентите.
Останува да се види дали надлежните конечно ќе преземат одговорност за состојбата во која се принудени да преживуваат оние на кои, барем декларативно, треба да почива иднината на државата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

