29 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Во јавноста и во медиумите се отвори жестока дебата околу најновата практика на градскиот базен во Тетово. Имено, воведувањето на посебни термини за капење само за жени предизвика поделени мислења: дали ваквата одлука води кон сегрегација и дискриминација или, напротив, овозможува поголем пристап за жените до јавните објекти?
Општина Тетово и понатаму одбива да даде официјално објаснување. Обидите да се стапи во контакт со градоначалникот Билал Касами остануваат безуспешни, оставајќи широк простор за шпекулации во јавноста. Дополнителен сомнеж буди фактот што за оваа одлука воопшто не се дискутирало, ниту пак се одлучувало на Советот на Општината.
Клучните неодговорени прашања од страна на локалната власт се:
Од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација посочуваат дека секоја мерка што прави разлика во пристапот до јавна услуга мора да биде законски заснована, да има легитимна цел и да биде пропорционална.
„Во конкретниот случај станува збор за јавен спортски објект што се финансира со јавни средства и е наменет за користење од сите граѓани. Секое ограничување на пристапот мора да биде јасно, објективно и законски оправдано. Комисијата го следи случајот и ќе се обрати до Општина Тетово за да утврди дали постои формална одлука и анализа за нејзината потреба.“ – изјави претседателот на Комисијата, Душан Томшиќ.
Експертската и новинарската јавност имаат различни толкувања за ефектите од оваа мерка. Професорката Мирјана Најчевска, експерт од областа на човековите права, е децидна дека објект изграден со парите на сите граѓани не смее да промовира одвојување.
„Потребно е да се стимулира заедницата, а не да се спроведува сегрегација на штета на жената. Целиот простор треба да биде сигурен за неа, не таа да се изолира под изговор дека ѝ била загрозена безбедноста. Утре некој ќе каже дека не е безбедно на улица, па ќе донесе одлука жените да не излегуваат по 10 часот... Уставниот суд мора без никаква иницијатива да реагира на оваа отворена дискриминација направена од јавна институција.“ – истакнува Најчевска.
Од друга страна, новинарот и уредник на „Цивил медија“, Џабир Дерала, повикува на пошироко согледување на проблемот, предупредувајќи дебатата да не се води со потсмев и лесно лепење етикети за „назадност“.
„Јавен базен може да има ограничени женски термини ако целта е поголем пристап, безбедност, приватност и учество на жени кои, инаку, би останале исклучени од јавниот спортски простор. Особено ако таквата мерка е јасно образложена како политика на еднаквост, а не како религиска порака. Секако, секогаш постои ризикот јавниот простор да почне да се прилагодува на идејата дека одвојувањето на жените и мажите е општествена норма.“ – смета Дерала.
Молкот на Општината за тоа кој точно го иницирал ова барање остава простор за скептицизам. Новинарот Ѕвездан Георгиевски јавно го покренува прашањето за потеклото на иницијативата.
„Тетовските општински власти наведуваат дека термините се воведени по барање на жените. Не е наведено кои жени и како го доставиле ова барање? Не видов дека која било граѓанска организација застана зад тоа. Во таа смисла, зошто да не помислам, на пример, дека не група жени, туку група мажи побарале нивните жени да не се мешаат со други мажи?“ – прашува Георгиевски во својата колумна.
Самоволието при носењето одлуки за јавните простори и заобиколувањето на Советот на Општината креира сериозен правен преседан. Забраната за пристап на мажи во одредени термини на градскиот базен во Тетово, воведена во нетранспарентна постапка, има голема веројатност наскоро да стане предмет на разгледување на Уставниот суд, кој ќе треба да пресече дали станува збор за заштита на правата или за класична дискриминација.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

