26 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Европската комисија предложи привремената заштита за Украинците кои побараа азил во Европската Унија да биде продолжена до март 2028 година. Меѓутоа, пристапот до оваа заштита ќе биде ограничен за мажите на регрутна возраст, пренесува „Ројтерс“.
Според Комисијата, потребен е пофлексибилен пристап сè додека продолжува војната на Русија против Украина.
Предлогот предвидува новопристигнатите мажи на регрутна возраст, кои немаат дозвола од украинските власти да ја напуштат земјата, повеќе да не ги исполнуваат условите за добивање привремена заштита во рамките на ЕУ.
Еврокомесарот за миграција, Магнус Брунер, на прес-конференција изјави дека целта на оваа мерка е да се најде соодветна рамнотежа помеѓу потребата од заштита на бегалците и способноста на Украина да се брани од агресијата.
„За да се постигне оваа рамнотежа, како правило, привремена заштита нема да им се доделува на новопристигнатите лица кои не добиле дозвола од украинските власти да ја напуштат земјата со оглед на нивните воени обврски“, посочи Брунер. Тој нагласи дека токму украинските власти побарале од ЕУ да го воведе овој исклучок.
Според податоците на Европската Унија, повеќе од 4,33 милиони луѓе кои избегале од Украина во моментов ги уживаат правата кои произлегуваат од Директивата за привремена заштита. Оваа директива беше итно активирана по руската инвазија во февруари 2022 година.
Директивата, чиј рок на важење првично требаше да истече во март 2027 година, обезбедува заштита и социјални права во сите земји-членки на ЕУ. Тоа вклучува дозвола за престој, пристап до пазарот на трудот и социјална помош.
Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О'Флаерти, предупреди да не се ограничува заштитата за милионите Украинци кои се раселени поради војната. Тој ги повика европските земји да ја продолжат својата поддршка и да се воздржат од преземање мерки што би можеле да доведат до предвремено или принудно враќање на бегалците.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

