25 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) разгледува значајни промени во начинот на кој граѓаните ја плаќаат електричната енергија, со цел сметките да бидат пониски и поусогласени со новите услови на енергетскиот пазар. Една од главните опции што се разгледува е продолжување на периодот на евтината тарифа, па дури и нејзино воведување во саботните денови.
Претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, во интервју за МИА истакна дека блок-тарифите беа воведени во екот на енергетската криза во 2022 година, но оттогаш состојбата во енергетскиот сектор значително се промени.
„Генералната идеја е граѓаните да плаќаат пониски сметки за потрошената електрична енергија. Сметаме дека има простор за ревизија на блок-тарифите и нивно прилагодување кон новите трендови во производството на електрична енергија од обновливи извори“, вели Ристов.
Според Ристов, растот на производството од соларни и ветерни електрани создава нови предизвици за енергетскиот систем, бидејќи најголемиот дел од енергијата се произведува преку ден, период во кој цените на берзите често се многу ниски, а понекогаш паѓаат дури и на нула.
Првичните анализи на Регулаторната комисија покажуваат дека помеѓу 11:00 и 15:00 часот се создава вишок на електрична енергија, па токму во тој период би можела да им се понуди поевтина струја на домаќинствата. Истовремено, се разгледува и можноста за преиспитување на досегашниот концепт на ноќната евтина тарифа.
„Најскапата електрична енергија на пазарот денес е помеѓу 21:00 и полноќ, а токму тогаш кај нас се применува евтината тарифа. Тоа е економски нелогично и покажува дека мора да се прилагодиме на новите пазарни услови“, нагласува Ристов.
Целта на овие промени не е само да се намалат трошоците на граѓаните, туку и да се создадат подобри услови за идни инвестиции во обновливи извори на енергија. Ристов предупредува дека доколку продолжи трендот на екстремно ниски берзански цени преку ден, тоа би можело да ги демотивира инвеститорите и да го забави развојот на зелената енергија во земјата.
Енергетскиот сектор, заклучува тој, се наоѓа во период на големи трансформации, поради што ќе биде неопходно граѓаните да ги променат своите навики за потрошувачка на струја, со цел системот поефикасно да се прилагоди на зголеменото производство од сонце и ветер.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

