07 август 2026
• од Темелко Тошев
Британското издание „Метро“ ја вброи Софија меѓу најдобрите европски дестинации за туристите кои бараат пристапни цени, богато културно наследство, одлична храна и можности за одмор во природа. Во својата статија, тие ја оценуваат бугарската престолнина како „најпотценетата престолнина во Европа“, пренесува БГНЕС.
Според публикацијата, иако Софија сè уште ретко се наоѓа на листите на најпосетувани европски градови, нејзината комбинација од историја, природа и ниски трошоци ја прави сè попривлечна, особено за странските туристи кои бегаат од масовниот туризам во традиционалните европски одморалишта. За споредба, минатата година Бугарија ја посетиле 343.000 британски туристи, што е значително помалку од 18-те милиони кои одат во Шпанија, правејќи ја Софија помирна и поавтентична алтернатива.
Што ја прави Софија толку привлечна?
Меѓу главните предности на градот, британски „Метро“ ги истакнува гостопримството, прекрасните погледи кон планината Витоша и пристапните цени – забележувајќи дека пиво во градот може да се најде за само околу 1,50 британски фунти.
Посебно внимание во текстот му се посветува на културно-историското наследство. Како главен симбол е издвоен импозантниот храм „Св. Александар Невски“ со неговите златни куполи, кој е една од најголемите христијански цркви во светот. На туристите им се препорачува да го посетат и античкиот комплекс „Сердика“ (кој може да се разгледа бесплатно), Софиската градска уметничка галерија, Музејот на илузиите, како и аквапаркот во близина на градот.
Модерен град со богата културна и гастрономска понуда
Софија не е само историја – таа е и современ град со изобилство од фестивали, културни настани и угостителски објекти. Посебно е истакнат фестивалот „A to Jazz“, кој оваа година собрал над 20 меѓународни изведувачи. Дополнителен бонус е планината Витоша, до која лесно се стигнува со автобус. На посетителите им се препорачува месноста „Златните мостови“, од каде што започнуваат пешачки патеки кои нудат панорамски поглед на Софиската Котлина.
Секако, туризмот не е целосен без добра храна. Британското издание ја фали и бугарската кујна, топло препорачувајќи им на туристите да пробаат таратор, ќебапчиња со лутеница и традиционална овошна ракија.
Во својот заклучок, „Метро“ нагласува дека Софија е една од најисплатливите и неоправдано занемарени престолнини во Европа, нудејќи им на посетителите незаборавен спој на локална гастрономија, историја, природа и релативно ниски туристички трошоци.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

