08 август 2026
• од Темелко Тошев
Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски отвори тема за историските настани од 1944 година, посочувајќи дека во македонската јавност денес речиси воопшто не се зборува за бруталните егзекуции на невини цивили извршени од страна на германската војска при нејзиното повлекување.
Според Георгиевски, фокусот на историското сеќавање честопати ги занемарува овие злосторства кои, како што нагласува, се многу пострашни од судирите со вооружените формации, бидејќи станува збор за невооружени луѓе.
Како конкретен пример за овие заборавени злосторства, тој го посочи убиството на група граѓани од Берово.
„Нејзиниот татко Ефтим Чочовски, четириесет и четврта година е убиен од страна на Германците при нивното повлекување од Македонија. Значи, тој заедно со девет други беровчани е стрелан. Бил цивил, не бил партизан“, истакна Георгиевски во своето излагање.
Еден од највпечатливите моменти во неговата изјава е паралелата што ја направи помеѓу третманот на цивилите и вооружените борци (партизаните). Според него, во секоја држава, оние кои вооружено ѝ се спротивставуваат на етаблираната власт, од страна на државниот апарат се третираат како легитимна цел.
„Стрелањето на цивилите е многу пострашна работа од некои што сега се пројавуваат. Мојот дедо беше партизан, го убија Германците, го убија Бугарите... Во секоја држава, гледам истата терминологија сега ја има и во Хрватска и во Србија, јасно кажуваат: ако некој се бори против етаблирана власт со динамит, со пушка, со бомба, тоа е легитимна цел за затворање и убивање од страна на оние кои се власт во државата“, појасни тој.
На крајот, Георгиевски заклучи дека при повлекувањето од овие простори, германските сили извршиле серија егзекуции врз невооружено население, додавајќи дека овие трагични настани се особено карактеристични за подрачјето на Источна Македонија.
„Меѓутоа, никој денеска во Македонија не им обрнува внимание на тие стрелања кои се случувале од страна на Германците, брутално стрелање на цивилите,“ порача тој, повикувајќи на поголема свест за овие историски факти.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

