12 август 2026
• од Темелко Тошев
Веќе пет недели граѓаните на Гостивар се соочуваат со сериозна здравствена и комунална криза бидејќи водата не е безбедна за пиење, алармираат од опозициската СДСМ. Според партијата, состојбата во градот е критична, а жителите – вклучително и децата, старите и болните лица – се принудени да чекаат во долги редици за флаширана вода како би ги задоволиле основните животни потреби.
Од СДСМ посочуваат дека кризата земала замав откако, како што велат, „се отрула“ и локалната болница, поради што пациентите морале да бидат префрлени во други градови. Дополнителен проблем е појавата на епидемија на жолтица, која доаѓа во време кога има недостиг на лекари и медицински техничари во градот.
Во своето соопштение, опозицијата упати остри критики кон премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го за негрижа и игнорирање на проблемот.
„Во овие пет тешки недели, премиерот Христијан Мицкоски не се појави ниту еднаш во Гостивар. Не само што не дојде, туку тој замина на годишен одмор“, истакнуваат од СДСМ.
Партијата дополнително го обвини премиерот за несоодветен однос кон јавноста во време на криза. Според нив, единственото нешто што тој го направил во овој период е навредување на сопствениот народ нарекувајќи го „талог“ и продолжување со, како што велат, „кампања на поделби и сеење омраза – по методите на Ванчо Михајлов и Александар Вучиќ“.
„Додека граѓаните пијат вода од шишиња и чекаат да престане труењето, премиерот е на одмор и ја напаѓа сопствената јавност. Ова е вистинскиот однос на оваа власт кон луѓето. Кога има лента за сечење – доаѓаат. Кога има криза што ги погаѓа обичните граѓани – исчезнуваат и напаѓаат“, заклучуваат од СДСМ во својата реакција.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

