11 август 2026
• од Темелко Тошев
Вработените во Министерството за внатрешни работи (МВР) повторно се соочуваат со сериозен проблем откако останаа без здравствено осигурување. Поради оваа бирократска грешка, полициски службеници се враќаат од лекарски прегледи, не можат да извршат дијагностички процедури, па дури им се откажуваат и операции и хемотерапии.
Од политичката партија Левица жестоко реагираа на овој пропуст, истакнувајќи дека додека власта се расфрла со милиони за набавки и опрема според НАТО-стандарди, го заборава најважниот сегмент од безбедносниот систем – луѓето што ја гарантираат таа безбедност.
Според Левица, ова е втор ваков случај во краток период, откако и во јуни годинава, поради проблем со матичен број на еден вработен, беше блокирано осигурувањето на сите полицајци. Партијата смета дека е скандалозно што не е извлечена никаква поука од претходниот инцидент.
Најголем револт предизвикува институционалното префрлање на одговорноста помеѓу МВР и Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ). Додека од МВР тврдат дека проблемот не е кај нив, ФЗОМ излезе со став дека осигурувањето е прекинато бидејќи МВР нема уплатено придонеси за дел од вработените кои биле вратени на работа со судска одлука.
„Ако МВР и ФЗОМ се под иста власт, зошто се однесуваат како две спротивставени влади? И на чело на Фондот (Перински) и на чело на МВР (Тошковски) стојат кадри на ДПМНЕ. Наместо внатрепартиски кавги, нека си ги усогласат податоците и нека го решат проблемот,“ порачуваат од Левица.
Партијата го повика министерот Панче Тошковски да ги обезбеди основните права на полициските службеници пред да се фали со „историски најдобри резултати“ во безбедноста. Полициските службеници од кои се бара максимална професионалност во служба на државата, не смеат да бидат оставени на цедило кога им е потребна здравствена заштита.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

