12 август 2026
• од Темелко Тошев
Епидемија на западнонилска треска е прогласена во скопските општини Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден, како и во населбите Драчево, Пржино, Долно Лисиче, Кадино и Јурумлери. Од почетокот на годинава во земјава се евидентирани вкупно 26 случаи на заболени од овој вирус, од кои еден пациент ја загубил битката со болеста.
Здравствените власти смируваат дека нема место за паника, но апелираат на внимателност и доследно почитување на мерките за лична заштита од комарци.
Еден починат и петмина во тешка состојба
Директорот на Клиниката за инфективни болести во Скопје, д-р Фадил Цана, информираше дека починатиот пациент е 83-годишен маж од Скопје кај кого била потврдена невроинвазивна форма на вирусот, а кој имал и повеќе придружни заболувања.
Тој нагласи дека во моментов петмина пациенти се наоѓаат во тешка здравствена состојба на одделот за интензивно лекување и се поставени на механичка вентилација.
„Во текот на оваа година на Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани вкупно 29 пациенти со сомнение за невроинвазивна форма на Западен Нил, од кои 25 се лабораториски потврдени. Клиниката успешно се справува и имаме капацитет за дијагностика и лекување на сите пациенти. Досега, осум пациенти се излекувани, испишани и се наоѓаат на домашно закрепнување“, изјави д-р Цана.
Вирусот најмногу ги погодува повозрасните граѓани
Д-р Марија Гочевска од Институтот за јавно здравје појасни дека од вкупно 26 евидентирани случаи, 25 се од Скопје, а еден е од Велес. Вирусот најмногу ги погодува повозрасните – 22 од заболените се на возраст над 60 години, додека 4 лица се на возраст од 50 до 59 години.
Само во изминатата недела (до 11 август) се регистрирани 13 нови случаи, сите со невроинвазивна форма на болеста и сите се хоспитализирани.
Властите апелираат: Заштитете се и отстранете ги застоените води
Заменик-министерот за здравство, Јовица Андовски, истакна дека ова не е ново заболување, но зголемениот број на случаи и активноста на вирусот наметнале потреба од засилен институционален одговор.
Во насока на сузбивање на ширењето на вирусот, веќе се спроведуваат вонредни дезинсекции (ларвицидни и адултицидни) во најпогодените подрачја како Драчево. Истовремено, надлежните апелираат до граѓаните да носат соодветна облека за заштита од комарци, да избегнуваат места каде што има најголема изложеност, како и редовно да ги празнат сите садови, базени и фонтани во своите дворови каде што се собира застоена вода, бидејќи токму тие се идеално место за размножување на комарците кои се преносители на вирусот.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

