08 август 2026
• од Темелко Тошев
Скопски полицаец се соочува со кривична пријава откако без основ физички нападнал лице кое веќе било лишено од слобода и со врзани раце, соопштуваат од Министерството за внатрешни работи.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) против полицискиот службеник А.Т. Тој се товари за постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „малтретирање во вршење на службата“, казниво по член 143 од Кривичниот законик.
Според деталите од полицискиот билтен, инцидентот се случил на 24 мај оваа година, околу 02:53 часот по полноќ, во Градскиот парк во Скопје, во близина на фонтаната на булеварот „Илинден“. Пријавениот, кој работел како помлад полицаец во Полициската станица Центар при СВР Скопје, за време на вршење на службените дејствија, без никаква причина употребил физичка сила и му задал удар во грбот на лице кое веќе било лишено од слобода и имало лисици на рацете.
Од МВР посочуваат дека со ваквото дејствие, полицискиот службеник постапил на начин кој директно го понижува човековото достоинство и личност на приведениот.
Покрај кривичната пријава, Одделот за внатрешна контрола ќе поднесе и предлог за поведување на дисциплинска постапка со цел утврдување на одговорност за грубо кршење на работната дисциплина.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

