10 август 2026
• од Темелко Тошев
Политичката партија Левица упати остри критики до актуелната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ во врска со случајот со поранешниот висок функционер на ДУИ, Артан Груби. Од партијата обвинуваат дека и покрај најавите од февруари дека судскиот процес за Груби ќе почне наскоро, против него сè уште нема покренато обвинение.
„Мицкоски ја хранеше јавноста со приказната дека доаѓа власт пред која крупните риби ќе треперат, дека недопирливите од ДУИ ќе завршат зад решетки и конечно ќе се наплати секој криминал. Од сите тие ветувања и закани денес остана куп партиска хартија и еден спектакуларен автогол – токму Груби, кого ДПМНЕ го претвори во заштитно лице на својата предизборна ‘правда’, им ја претвори најгласната мантра во предмет за потсмев“, стои во реакцијата на Левица.
Од Левица посочуваат дека Груби моментално е „на чекор до слобода“, додека неговите соработници остануваат недопрени од правдата. Особено се критикува одлуката тој да заврши во куќен притвор наместо во затвор.
Партијата потсетува на, како што велат, понижувачката реалност кога Груби ја поминал границата кај Блаце и покрај активната мерка „задржи и веднаш извести“, по што државата повеќе од една година не успеа да го врати.
„Кога Груби се појави на граничниот премин, ДПМНЕ конечно требаше да ја материјализира целата своја митингашка галама за Шутка, решетки и крупни риби, но нивната страшна железна тупаница се претвори во перница. По само неколку часа Груби беше пратен во куќен притвор, а клучните аргументи беа безбедносните информации на МВР и АНБ“, додаваат од Левица, критикувајќи ја „бескомпромисноста на Мицкоски во пракса“.
Дополнителен проблем, според Левица, е тоа што на 22 август истекува мерката куќен притвор за Груби, а Јавното обвинителство сè уште не открива дали ќе биде поднесен обвинителен акт, иако уште во февруари било соопштено дека доказите се во најголем дел обезбедени.
„После две години власт, од целата предизборна галерија на мафијаши, криминалци и крупни риби со која Мицкоски собираше гласови, јавноста доби неспоредливо повеќе прес-конференции и ветувања отколку судски епилози. ДПМНЕ го користеше Груби како доказ зошто мора да дојде на власт, па кога дојде – успеа сопствените закани и ветувања да ги претвори во карикатура“, заклучуваат од Левица.
Зголемена будност: Во Македонија потврдени 13 случаи на Западнонилска треска
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

