24 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Општина Центар неодамна ги обнови детските игралишта кај трговскиот центар „Зебра“ во населбата Капиштец и кај маркетот „КАМ“ во Дебар Маало. Иако дотраените реквизити се заменети со нови за да се овозможат побезбедни услови за најмладите, локалната самоуправа се соочува со сериозен проблем – вандализмот во вечерните часови.
Градоначалникот Горан Герасимовски информираше дека општината упатила барање до Министерството за внатрешни работи (МВР) за засилено полициско присуство на терен со цел да се спречи уништувањето на урбаната опрема и да се заштити јавниот простор.
На територијата на Општина Центар евидентирани се околу 50 детски, спортски, маалски и училишни игралишта. Локалната власт континуирано работи на нивно одржување, но честите оштетувања предизвикуваат непланирани трошоци и повторно вложување на јавни средства за санирање на штетите.
Во таа насока, градоначалникот Герасимовски упати апел за зголемување на свеста за јавното добро:
„На барање на жителите побаравме засилено присуство на МВР на терен, особено во вечерните часови, кога има појава на вандализам и оштетување на детските игралишта. Во општината има околу 50 детски, спортски, маалски и училишни игралишта. Даваме сѐ од себе да ги одржуваме и унапредуваме, но за жал често се соочуваме со нивно оштетување, поради што повторно вложуваме средства за нивно санирање. Апелирам до граѓаните заеднички да водиме грижа за јавното добро и да ги чуваме содржините што се наменети за сите.“
Како дел од долгорочната стратегија за справување со овој проблем, Општина Центар потсетува дека веќе иницирала измени на повеќе закони. Целта на овие правни интервенции е поефикасно справување со девијантното однесување кај младите.
Меѓу клучните предлози на општината е воведувањето општокорисна работа за малолетните вандали, како и за нивните родители, како едукативна и казнената мерка за преземање одговорност за сторената штета.
И покрај предизвиците со несовесното однесување на поединци, општината продолжува со инвестициите во инфраструктурата за децата и младите. Според најавите на Герасимовски, за тековната 2026 година, Општина Центар има буџетирано 12 милиони денари наменети исклучиво за обнова и тековна реконструкција на детските и спортските игралишта на својата територија.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

