28 јули 2026
• од Темелко Тошев
Очај, револт и неверување – вака може да се опише реакцијата на семејството Јовкови, откако Апелациониот суд во Скопје донесе одлука да ја намали затворската казна на возачот кој ја предизвика сообраќајната несреќа во која животот го загуби нивната 27-годишна ќерка, Таце Јовкова.
Првостепената пресуда од Основниот суд во Неготино, која предвидуваше казна затвор од четири години за виновникот Гоце Димков, од страна на Апелација е преиначена и намалена на две години и шест месеци.
„Ја родив за друг да ми ја убие... Болката ја имаме, а правдата ја убивте“, напиша семејството во својата емотивна објава, прашувајќи дали воопшто постои правда во Македонија.
Детали за трагедијата Според тврдењата на семејството, кобната несреќа се случила кога товарно возило, управувано од Гоце Димков од село Возарци, навлегло во спротивната сообраќајна лента. Возачот се движел со брзина од 69,7 километри на час, на делница каде максимално дозволената брзина била 50 км/ч. Дополнително, родителите наведуваат дека камионот бил технички неисправен, и покрај тоа што само еден месец претходно поминал на технички преглед.
Одлуката за намалување на казната ја донел судски совет во состав: Александра Ристеска (претседател), м-р Лирие Елези Ајрулау и д-р Габриела Гајдова, со приложено писмено мислење од Вишото јавно обвинителство – Скопје.
„Ви благодариме што покажавте колку вреди еден млад човечки живот во оваа држава. Нашата болка останува засекогаш, а вие со вашата одлука ја убивте и последната надеж за правда. Ова ли е правната држава Македонија?“, реагираат од семејството, отворено сомневајќи се на корупција и мито во судскиот систем.
Помала казна за згаснат живот отколку за украдени ќебапи Огорчените родители во својата јавна реакција направија и болна споредба на нивниот случај со неодамнешна судска одлука каде за кражба на 150 ќебапи била изречена казна затвор од три години.
„Каква правда има во нашата Македонија? Дали вредноста на животот на моето девојче Таце стана помала од неколку парчиња месо, па виновникот за нејзината смрт да добие помала казна од некој што украл храна?“ – прашуваат тие.
И покрај огромната трагедија што ги снајде, семејството Јовкови во најтешките мигови покажа врвна хуманост донесувајќи одлука да ги донираат органите на нивната ќерка.
„Иако нашето срце е засекогаш скршено, во најтешкиот миг од животот донесовме благородна одлука – ги дониравме органите на нашето чедо. Благодарение на оваа постапка спасени се два човечки животи. Нашето девојче Таце замина во вечноста како ангел, но остави живот зад себе“, порачува семејството.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

