24 август 2026
• од Темелко Тошев
Во Собранието на Република Северна Македонија денеска беше одбележана 35-годишнината од независноста на Украина преку специјална сесија на Интерпартиската парламентарна група за поддршка на Кримската платформа.
Свечениот настан, кој се одржа во салата „Борис Трајковски“, започна со оддавање почит кон загинатите и едноминутен молк во чест на жртвите од војната.
Сесијата ја отвори потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, кој во свое и во име на институцијата упати честитки до украинскиот народ, истакнувајќи дека овој ден е симбол на слободата и суверенитетот. Тој порача дека секоја држава мора да има можност самостојно да ја одбере својата иднина, потенцирајќи дека поддршката која нашата држава ја дава за Украина не е само дипломатска, туку пред сè морална.
На присутните им се обрати и амбасадорката на Украина во земјава, Лариса Дир, која ја нагласи важноста на меѓународната солидарност која претставува дополнителна сила за украинскиот народ. Таа предупреди дека руската агресија секојдневно одзема невини животи и го загрозува безбедносниот поредок на цела Европа.
Пратеникот Оливер Спасовски, како претставник на Интерпартиската група, потсети дека македонското Собрание уште на почетокот на руската инвазија усвои Декларација за поддршка на Украина. Тој јасно порача дека во 21 век со сила не може да се менуваат границите на суверени држави.
Покрај домашните претставници, силна порака за поддршка испратија и присутните странски дипломати. На сесијата говореа амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер, амбасадорката на Германија, Петра Дрекслер, амбасадорката на Литванија, Вилма Дамбраускиене, и в.д. амбасадорот на Полска, Мариуш Бримора. Францускиот амбасадор Ле Риголер посебно истакна дека преку одбраната на Украина, се брани и целокупната безбедност на европскиот континент.
По завршувањето на официјалниот дел, настанот продолжи во Кристалната сала каде што беа отворени две тематски изложби – „Враќање на сеќавањето на Херсон“ и „Светското наследство на Украина под заштита на УНЕСКО“. Во рамките на културната програма беше презентиран и македонскиот превод на романот „Црниот гавран: останатиот“ од познатиот украински писател Васил Шкљар.
Украина го донесе Актот за прогласување независност пред точно 35 години, на 24 август 1991 година, историска одлука која подоцна истата година беше потврдена на референдум од над 90 проценти од граѓаните.
СДСМ: Мицкоски бара алиби за избори по сценарио на српските и руските служби
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

