26 јули 2026
• од Димитар Стојановски
Германските власти го оценија смртоносниот напад на Парадата на гордоста во Берлин како исламистички терористички акт. Една жена загина, а 29 лица се повредени, додека полицијата трага по осомничениот.
Германскиот министер за внатрешни работи Александер Добринт изјави дека досегашната истрага укажува дека нападот на Парадата на гордоста во Берлин претставува исламистички терористички напад.
Според властите, осомничениот е 21-годишен германски државјанин со либанско потекло, кој сè уште е во бегство. Полицијата спроведува обемна потрага низ Берлин, на железничките станици, аеродромите и граничните премини.
Нападот се случил во саботата вечер во паркот Тиргартен, кога осомничениот со комбе влетал меѓу учесниците на настанот, а потоа, според истрагата, нападнал повеќе лица со остро оружје, за кое се претпоставува дека било мачета.
Во нападот загина една жена, а 29 лица беа повредени, од кои неколку се во тешка и животозагрозувачка состојба.
Добринт изјави дека осомничениот и претходно бил познат на безбедносните служби поради повеќе кривични дела, радикализација и поврзаност со исламистички кругови. Според германските медиуми, тој бил осуден за подготовка на сериозно насилно дело што ја загрозува државната безбедност и бил вклучен во програма за дерадикализација.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц го осуди нападот, а во Берлин беше организирано оддавање почит на жртвите, на кое присуствуваа стотици граѓани и државни претставници.
Водата во Крушево сѐ уште не е за пиење: Забраната останува на сила до вторник
Бугарскиот бизнис го освојува африканскиот пазар: Од егзотика до стратешки приоритет
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

