25 јули 2026
• од Темелко Тошев
Јон Фрчкоски, член на Извршниот одбор на СДСМ, на денешната прес-конференција упати остри критики до актуелната власт, обвинувајќи ја за системски колапс и негрижа за здравјето на граѓаните. Реакцијата доаѓа по информациите дека водата е неисправна за пиење во дури седум населени места во државата: Гостивар, Валандово, Крушево, Пласница, Прилеп, Лешок и Преглово.
Според Фрчкоски, ваквата состојба е директна последица на лошото менаџирање на институциите, и предупреди на можна ескалација на кризата. Тој посочи дека основната животна потреба – чиста и здрава вода – е загрозена.
„Мицкоски отвора базени додека во седум населени места водата е неисправна за пиење, а низ Лепенец и Вардар тече бела пена. Отровот стигна и до главниот град. Со оваа власт, најосновната животна потреба на граѓаните е загрозена. Ова е системски колапс под команда на власта, која буквално ја труе Македонија,“ изјави Фрчкоски.
Партијата дополнително ја обвини Владата за криење на сумата која ќе се потроши за одбележување на 35-годишнината од независноста. Фрчкоски тврди дека Владата ѝ наложила на Државна лотарија да одвои околу 5 милиони евра (300 милиони денари) од нераспределената дивиденда за спонзорирање на манифестациите.
Воедно, тој изрази сомнеж и за законската регуларност на постапката, посочувајќи дека во јавноста веќе се шпекулира кои продукции ќе бидат ангажирани уште пред да биде објавен официјален јавен повик.
Од СДСМ повикаа планираните средства за државни прослави итно да се пренаменат за решавање на проблемот со водата за пиење. Нивниот предлог е парите да се инвестираат во пречистителни и филтер станици, нови резервоари и обнова на водоводните инсталации, нагласувајќи дека најпатриотски чин за Денот на независноста е да се обезбеди здрава животна средина за сите граѓани.
Водата во Крушево сѐ уште не е за пиење: Забраната останува на сила до вторник
Бугарскиот бизнис го освојува африканскиот пазар: Од егзотика до стратешки приоритет
Уапсена Македонка во Црна Гора: Прегазила куче, па се обидела да ја напушти државата
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

