29 јули 2026
• од Темелко Тошев
Основното јавно обвинителство во Гевгелија отвори истражна постапка против српски државјанин, откако при царинска контрола на граничниот премин „Богородица“ во неговиот камион беа откриени 5.000 штеки цигари без акцизни маркички.
Според информациите од Обвинителството, осомничениот се товари за кривично дело – избегнување плаќање акциза, бидејќи со шверцот на цигарите се обидел да избегне давачки и да го оштети буџетот во вредност од речиси пет милиони денари.
Случајот бил откриен кога осомничениот, управувајќи товарен камион со приколка со српски регистарски таблички во сопственост на српска транспортна компанија, се пријавил за влез во земјава. На границата тој започнал транзитна постапка, декларирајќи дека превезува материјал за изолација.
Меѓутоа, при извршената контрола, царинските службеници над пријавената стока откриле 100 картонски кутии во кои биле сокриени штеките со нелегалните цигари.
Поради сериозноста на делото и околностите, надлежниот јавен обвинител оцени дека постои реална опасност осомничениот да се даде во бегство, да влијае врз сведоци или евентуални соучесници, како и да ги сокрие или уништи трагите. Поради тоа, до судија на претходна постапка при Основниот суд во Гевгелија е поднесен предлог за одредување мерка притвор.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

