29 јули 2026
• од Темелко Тошев
Во Македонија досега се официјално регистрирани осум случаи на Западнонилска треска, при што сите пациенти развиле тешка, невроинвазивна форма на болеста со зафаќање на централниот нервен систем. Сепак, познатиот професор по епидемиологија и биостатистика, д-р Драган Даниловски, предупредува дека оваа изолирана бројка не ја дава вистинската слика за ширењето на вирусот во земјата.
Во својата најнова анализа објавена на Фејсбук, д-р Даниловски поставува клучно прашање: „Осум тешки случаи? Но, осум од колку вкупно инфекции?“.
Според него, статистиката е само врвот на ледениот брег. Тој појаснува дека кај инфекцијата со вирусот на Западен Нил, дури 80 проценти од заразените воопшто немаат никакви симптоми. Кај приближно 20 отсто се јавува фебрилна болест која најчесто поминува со релативно лесен тек.
„Тешката невроинвазивна форма се развива кај помалку од еден процент од инфицираните, а ризикот расте со возраста и кај лица со одредени хронични заболувања и нарушен имунитет. Токму тешките случаи имаат најголема веројатност да стигнат до болница, да бидат лабораториски испитани и да влезат во официјалната статистика“, објаснува докторот.
Бидејќи асимптоматските и лесните инфекции најчесто остануваат невидливи за здравствениот систем, вкупниот број на заразени во популацијата останува непознат. Даниловски предупредува дека без ова пошироко објаснување, јавноста може погрешно да ги протолкува медиумските наслови и да заклучи дека вирусот станал поагресивен или дека секој заразен ќе развие тешка болест – што апсолутно не е точно.
Епидемиологот посочува уште еден важен факт – најголемиот дел од регистрираните случаи се автохтони (локално пренесени).
„Тоа потврдува дека вирусот ова лето циркулира локално во природниот циклус птици–комарци и дека постои изложеност на населението“, додава тој. Затоа, во овој момент од клучна важност се засилениот епидемиолошки и ентомолошки надзор, следењето на активноста на вирусот, систематската контрола на комарците, како и личната заштита на граѓаните од убоди од инсекти.
„Во епидемиологијата изолирана бројка сама по себе не значи ништо! Таа е само почеток на анализата. Нејзиното вистинско значење го добиваме дури кога ќе прашаме од која популација произлегува, како е регистрирана и што останало невидливо зад неа“, заклучува д-р Даниловски во својата објава.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

