23 јули 2026
• од Никола Трајковски
Министерството за внатрешни работи потсети дека стапија во сила измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, со кои се воведуваат построги правила за користење на електричните тротинети.
Според новите законски измени, минималната возраст за управување со лесно електрично возило е зголемена на 18 години. Возилото е дефинирано како електричен тротинет или слично превозно средство со моќност до 0,6 киловати, максимална брзина до 25 километри на час и тежина до 35 килограми.
Максималната дозволена брзина е ограничена на 20 километри на час на велосипедски патеки и ленти, додека на тротоари, пешачки патеки и заеднички патеки за пешаци и велосипедисти останува ограничувањето од 6 километри на час.
Возачите се должни да го туркаат тротинетот при преминување на коловоз или пешачки премин ако нема посебна велосипедска лента или патека. Исто така, забрането е превезување друго лице, а казни се предвидени и за возачот и за патникот.
Со измените се воведува и задолжително носење заштитен шлем, додека обврската за носење рефлектирачки елек во услови на намалена видливост останува во сила. Забрането е управување со електричен тротинет под дејство на алкохол, а висината на казните ќе зависи од измереното количество алкохол во крвта.
За одредени прекршоци, покрај паричните казни, е предвидено и привремено одземање на лесното електрично возило во траење од 30 дена.
Од МВР најавуваат дека ќе продолжат со засилени контроли и апелираат до сите возачи на електрични тротинети доследно да ги почитуваат сообраќајните правила со цел поголема безбедност за сите учесници во сообраќајот.
Каде се вардарците? Скромна посетеност на Арената за 79. роденден на најтрофејниот!
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

