23 мај 2026
• од Темелко Тошев
Министерот за транспорт тврдеше дека барањата на најголемиот европски нискобуџетен авиопревозник биле „невозможни“ за државата, но од компанијата за нашата редакција порачуваат дека договор веќе постоел, а Николоски потоа го сменил ставот.
Влезот на Ryanair на македонскиот пазар се претвора во сериозен судир меѓу официјалната верзија на Владата и ставот на најголемиот европски нискобуџетен авиопревозник. Откако министерот за транспорт, Александар Николоски, во јавноста излезе со став дека условите на компанијата биле „невозможни“ и неприфатливи, од Ryanair со контра-одговор. Во изјава за нашата редакција, тие директно го демантираат министерот, тврдејќи дека условите за летови кон Скопје и Охрид веќе биле договорени токму со него.
Одговорот на Ryanair е краток, но политички мошне тежок за надлежните:
„Многу сме изненадени од изјавата на министерот Николоски — бидејќи не е вистина. Ryanair ги договори условите директно со министерот Николоски за започнување летови кон Скопје и Охрид. Министерот потоа се повлече од овој договор и наместо тоа избра да ја намали конкуренцијата во Северна Македонија, што резултира со помалку летови, помалку конекции, лишувајќи ги граѓаните од пристап до авиокомпанијата со најниски цени во Европа“, велат од компанијата.
Овој демант отвора клучна дилема: дали навистина станувало збор за „невозможни услови“, или за веќе усогласен договор од кој министерот во последен момент се откажал?
Министерот Николоски во претходните настапи пред јавноста истакна дека барањата на Ryanair биле неприфатливи, наведувајќи дека компанијата барала субвенција од 25 евра по седиште.
„Условите што ги поставуваат се невозможни. Ние во моментов даваме субвенции од 9 евра за скопскиот и 12 евра за охридскиот аеродром“, изјави министерот, додавајќи дека Ryanair барал и приоритетно опслужување на аеродромите и укинување на дел од постојните линии на другите авиопревозници.
Суштината на спорот е недвосмислена: Николоски тврди дека условите биле невозможни, додека Ryanair тврди дека истите тие услови биле претходно договорени со министерот.
Ако условите биле толку неприфатливи, се поставува прашањето – како биле договорени? И ако договор воопшто немало, зошто компанијата тврди дека министерот „се повлекол од договорот“? Ова веќе не е само прашање на авиолинии, туку прашање на транспарентност и отчетност пред граѓаните.
Особено алармантно звучи обвинувањето на Ryanair дека со повлекувањето, министерот свесно ја намалил конкуренцијата на македонското небо. Со оглед на доминантната позиција на Wizz Air, се отвора логичното прашање: кому му одговара Македонија да остане без Ryanair?
Дали одлуката била во интерес на граѓаните кои сакаат поевтини билети, или во интерес на заштита на позициите на веќе присутните компании?
По ваков директен демант, Министерството за транспорт и Владата мораат да излезат од комфорната зона на општите формулации. Јавноста заслужува одговори на конкретни прашања:
Ако Владата е во право, нека ги покаже документите. Ако Ryanair е во право, тогаш министерот Николоски треба да понесе одговорност за пропуштената шанса за подобра поврзаност на Македонија со Европа. Во спротивно, цената на ова „недоразбирање“ ќе ја платат само патниците преку поскапи билети и помалку избор.
Шукова до Тошковски: Убиства, дрога и хаос – колку жртви уште треба за оставка?
Нов граничен премин меѓу Бугарија и Србија: Се гради стратешка врска за Северозападот
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

