22 мај 2026
• од Темелко Тошев
Државата се соочува со сериозна криза на нормалноста, а неодамнешните политички тензии околу технички прашања, како правосудниот испит, се само одраз на длабоките внатрешни дефекти на владејачките структури, оценува политичкиот аналитичар Мерсел Биљали.
Според Биљали, стагнацијата во која се наоѓа земјата во последните 35 години е директен резултат на неодговорното политичко лидерство. Тој потенцира дека доколку земјата имала помудро раководство, денес Македонија ќе била дел од Европската Унија, со просечни плати од 3.000 евра и со задржани млади луѓе во државата.
Биљали посочува дека Македонија покажува недостаток на капацитет за мултиетничка толеранција врз либерални основи. Тој оценува дека актуелните политички елити ја доведуваат државата до работ на дестабилизација поради тривијални прашања.
„Замислете, за една чиста техничка работа, како што е подзаконски акт за полагање правосуден испит, се создава хаос во земјата. Власта е подготвена да ризикува меѓуетнички конфликт за прашање кое е сосема банално во едно нормално општество“, вели Биљали во својата анализа. Тој додава дека ваквите реакции не се производ на културен хендикеп кај граѓаните, туку се резултат на личните агенди на поединци од власта.
Аналитичарот посебно се осврна на прашањето за вклучувањето на бугарската заедница во Уставот, што според него, се користи како инструмент за ширење на параноја. Биљали прашува зошто јазикот на една заедница се третира како закана, додека истовремено се замижува пред српското влијание и негирањето на македонскиот идентитет од страна на некои политички фактори.
„Се создава чувство дека вклучувањето на Бугарите во Уставот е ‘фрлање змија околу врат’, додека кога политичари од Србија отворено го негираат нашиот идентитет, власта молчи. Овој селективен патриотизам е доказ за крајната неискреност во водењето на државната политика“, истакнува Биљали.
Биљали смета дека претседателката Гордана Силјановска-Давкова погрешно ги интерпретира критериумите од Копенхаген кога тврди дека уставните измени не се услов за ЕУ. Тој потсетува дека политичките критериуми на Унијата јасно наложуваат заштита на малцинските права.
„Претседателката како да не ги прочитала критериумите од Копенхаген. Без почитување на правата на малцинствата, нема напредок кон ЕУ. Ние го пропуштивме возот во 2004 година, а секое одложување оттогаш само носи нови обврски“, вели аналитичарот.
Во својот заклучок, Мерсел Биљали нагласува дека Македонија е во фаза на долгогодишно лутање без јасна цел. Според него, општеството е заробено од неколку семејни бизнис-интереси кои стравуваат од европските правила, бидејќи тие би им го уништиле монополот.
Биљали порачува дека единствениот излез е создавање на нормални институции предводени од лидери кои нема да размислуваат само за следните избори, туку за иднината на следните генерации. Според него, земјата мора да се ослободи од политичката параноја и да се врати кон европскиот пат, кој е единствената реална перспектива за развој.
Шукова до Тошковски: Убиства, дрога и хаос – колку жртви уште треба за оставка?
Нов граничен премин меѓу Бугарија и Србија: Се гради стратешка врска за Северозападот
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

