08 септември 2026
• од Темелко Тошев
Православната црква и верниците денеска го одбележуваат споменот на Светиот маченик Адријан и неговата сопруга, преподобна Наталија. Нивната животна приказна е едно од најсилните сведоштва за непоколебливата христијанска вера, брачната љубов и пожртвуваноста.
Двајцата сопружници потекнувале од благородни и богати семејства од градот Никомидија. Беа млади и во брак живееја само тринаесет месеци пред нивното мачеништво. Нивниот живот навидум изгледал обичен за тоа време – Адријан бил незнабожец и угледен началник на преторот, додека Наталија била потајна христијанка која длабоко во себе ја негувала љубовта кон Бога.
Сè се променило кога свирепиот цар Максимијан пристигнал во Никомидија и наредил безмилосен прогон на сите христијани. Во една пештера во близина на градот биле откриени дваесет и тројца христијани. Откако биле предадени на власта, тие биле сурово мачени, камшикувани со воловски жили и тепани со стапови, пред да бидат фрлени во затвор.
Кога ги извеле пред преторот за да им ги попишат имињата, Адријан бил сведок на нивното страдање. Гледајќи ги овие луѓе како мирно и кротко ги трпат неподносливите маки, Адријан ги прашал што очекуваат од својот Бог како награда за таквото страдање. Тие му зборувале за блаженството на праведните во Царството Божјо.
Овие зборови длабоко го допреле неговото срце. Во еден момент на духовно просветлување, Адријан се свртел кон писарот и му рекол: „Запиши го и моето име со светите, и јас сум христијанин!“ Зачудениот писар го прашал да не полудел, на што Адријан мирно одговорил: „Не полудев, туку се вразумив.“
Оваа негова одлука предизвикала неизмерна радост кај неговата сопруга Наталија. Таа веднаш отишла во затворот за да му служи и да го поддржи. Додека Адријан бил подложен на сурови мачења, таа останала покрај него, храбрејќи го да истрае до самиот крај и да не се откажува од својата нова вера.
По долгите и тешки маки, царот наредил на мачениците да им се скршат рацете и нозете на наковална со чекан. Во тие страшни маки, Адријан и останатите дваесет и тројца христијани ги предале своите души на Бога.
Света Наталија чесно ги зела нивните мошти и ги пренела во Цариград, каде што ги погребала. Неколку дена подоцна, Свети Адријан ѝ се јавил во видение, сиот во светлина и небесна убавина, повикувајќи ја да му се придружи во Царството Небесно. Набргу потоа, Света Наталија мирно го предала својот дух на Господ.
Денеска, верниците се потсетуваат на нивниот подвиг, молејќи се за мир, семејна благосостојба и духовна сила, инспирирани од нивната света и бесмртна љубов.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

