28 мај 2026
• од Темелко Тошев
Бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека лично вложил едногодишни дипломатски напори за барањето за внесување на Бугарите во македонскиот Устав да стане интегрален дел од европската преговарачка рамка за Македонија. Во изјава дадена пред средбата со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз, Радев откри дека ова прашање го отворил уште во 2021 година, по што континуирано работел на убедување на своите европски колеги тоа да биде вградено во процесот на македонските евроинтеграции.
„Ми требаше една година да ги убедам европските лидери зошто треба да се случи ставањето на Бугарите во Уставот“, истакна бугарскиот претседател. Во оваа пригода, тој нагласи дека очекува Франција да продолжи да го поддржува спроведувањето на европскиот договор, како и сите обврски што Македонија ги презела во рамките на преговарачкиот процес.
Оваа изјава од Париз доаѓа во исклучително чувствителен политички момент, непосредно пред најавената посета на новиот претседател на Европскиот совет, Антонио Кошта, на Македонија. Дипломатската турнеја на Радев практично се одвива во период кога прашањето за уставните измени повторно се позиционира како една од централните теми во релациите меѓу Скопје, Софија и Европската Унија.
Покрај проширувањето на Унијата, средбата меѓу Радев и Макрон опфатила и низа други стратешки прашања. Фокусот бил ставен на билатералната соработка, безбедносната архитектура во Европа и војната во Украина. Бугарскиот претседател го повторил својот став дека Европа треба да преземе поактивна улога во мировните разговори со Русија и дека дипломатијата мора итно да се врати во центарот на меѓународните односи. Дополнително, тој инсистирал нуклеарната енергија да биде признаена како зелена и стратешки важна за ЕУ, потенцирајќи ја плодната соработка меѓу Софија и Париз во областа на нуклеарната енергетика и железничката инфраструктура.
По завршувањето на обврските во Франција, Радев заминува за Брисел, каде што неговата дипломатска агенда продолжува со серија средби на највисоко ниво. Во европската престолнина тој ќе оствари разговори со белгискиот премиер Барт де Вевер, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, како и со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

