01 август 2026
• од Димитар Стојановски
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, порача дека Европската Унија ќе продолжи со координиран и солидарен пристап во справувањето со илегалната миграција, по масовниот обид за преминување на границата во шпанската енклава Сеута.
Фон дер Лајен соопшти дека одржала телефонски разговор со еврокомесарите Магнус Брунер и Дубравка Шуица за најновата состојба во Сеута.
Според неа, најголемиот дел од мигрантите кои нелегално пристигнале веќе се вратени во Мароко, благодарение на соработката меѓу шпанските и мароканските безбедносни служби. Таа нагласи дека никој од нив не стигнал до копнениот дел на Шпанија или до остатокот од Европската Унија.
Фон дер Лајен оцени дека случувањата покажуваат колку е важна заштитата на надворешните граници на ЕУ. Таа истакна дека Унијата располага со силен систем за гранична контрола, но дека тој треба дополнително да се зајакне и да се подобри отпорноста на Европа на слични кризи.
Претседателката на Европската комисија додаде дека Европската комисија уште од првиот момент ѝ понудила поддршка на Шпанија и го поздрави барањето на повеќе европски лидери за итна видеоконференција за заедничка проценка на ситуацијата.
„Борбата против илегалната миграција бара солидарност и обединет европски одговор“, порача Фон дер Лајен.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

