17 април 2026
• од Гоце Кически
Белгија останува цврст поддржувач на европската интеграција на Северна Македонија, при што уставните измени и реформите во владеењето на правото се клучни предуслови за напредокот на земјата. Ова го истакна заменик-премиерот и министер за надворешни работи, европски прашања и развојна соработка на Белгија, Максим Прево, во објава на социјалната мрежа Х.
Тој нагласи дека Северна Македонија и Белгија имаат длабоки и долгогодишни односи, кои дополнително се зајакнуваат преку македонската дијаспора во Белгија, како и преку меѓусебната соработка во тешки моменти. Како пример ја посочи трагедијата во Кочани од минатата година, која ја продлабочила солидарноста меѓу двете земји.
Прево информираше дека имал плодни разговори со својот колега, министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, оценувајќи ги како значаен чекор кон понатамошно продлабочување на билатералните односи.
Во економската сфера, тој посочи дека врските меѓу двете држави се стабилни и во пораст, при што белгиските компании играат важна улога во заедничкиот економски развој и регионалната поврзаност.
Белгискиот министер повтори дека неговата земја силно го поддржува европскиот пат на Северна Македонија, но подвлече дека реформите во владеењето на правото, независноста на судството и спроведувањето на неопходните уставни измени остануваат клучни за понатамошен напредок.
„Белгија е посветена да ја поддржи Северна Македонија како сигурен стратешки партнер на нејзиниот пат кон Европската Унија, стабилноста, соработката и подлабоката интеграција“, порача Прево.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

