17 април 2026
• од Темелко Тошев
Алијанса за Албанците (АШ), предводена од Зијадин Села, упати остри критики до актуелната власт и претседателот на Собранието, Африм Гаши, нарекувајќи ги „смешни“ пофалбите за наводната 100% имплементација на Законот за употреба на јазиците во законодавниот дом.
Од партијата на Села потсетуваат дека Африм Гаши во минатото изјавуваше дека албанскиот јазик не е официјален, а денес се обидува да се претстави како негов „целосен спроведувач“.
Според АШ, каков било напредок во Собранието во однос на двојазичноста не е резултат на волјата на Гаши, туку на постојаниот притисок и блокадите од нивните пратеници.
„Ако има некаков напредок во Собранието, тоа е само кај материјалите и тоа поради нашето одбивање и обврската на секоја седница да ни се обезбедат материјали и на албански јазик. Тоа е резултат на блокадите на пратеничката Илире Даути, реакциите на Елми Азири и долгогодишната битка на нашиот лидер Зијадин Села, кој во 2017 година го постави овој закон како услов за формирање Влада“, се вели во соопштението.
Партијата укажува и на сериозни пропусти во официјалната документација потпишана од Собранието. Тие тврдат дека во преводите на албански јазик се појавуваат „скандалозни пропусти“ каде името на државата е преведено како „Маqedonia e Jugut“ (Јужна Македонија).
Најголемите критики се упатени кон Владата и министерствата, каде според Алијанса за Албанците, законот воопшто не се почитува.
„Експонентите на власта, наместо да се фалат со туѓ труд, треба да дадат отчет: зошто во Владата и во огромното мнозинство министерства употребата на албанскиот јазик е 0%?“, прашуваат од партијата на Села.
На крајот, од партијата заклучуваат дека додека функционерите од коалицијата ВРЕДИ се обидуваат да присвојат заслуги за Собранието, реалноста во извршната власт покажува целосно потфрлање во заштитата на јазичните права на Албанците.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

