16 април 2026
• од Станча Јаќимовски
СДСМ остро реагираше на последните јавни изјави на премиерот Христијан Мицкоски, оценувајќи дека тие претставуваат „свесна и опасна закана“ за политичките неистомисленици и обид за воведување политички прогон.
Во партиското соопштение се наведува дека Мицкоски јавно изразил „чувство“ дека во блиска иднина ќе започнат судски процеси против поранешни високи функционери на СДСМ, вклучително и поранешни премиери и членови на нивните семејства. Според СДСМ, ваквите изјави не се изолирани, туку претставуваат континуитет на реторика што премиерот ја користел и во Собранието.
„Наместо да обезбеди услови за владеење на правото, Мицкоски како уличар ја злоупотребува функцијата претседател на Владата за да се заканува на опозицијата и да создава страв во јавноста“, се наведува во реакцијата.
Од СДСМ тврдат дека причината за ваквите изјави лежи во, како што велат, „сè посилните меѓународни истраги“ поврзани со наводни врски на премиерот со поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан, како и сомнежи за финансиски злоупотреби и перење пари.
Партијата оценува дека станува збор за обид за пренасочување на вниманието и однапред дискредитирање на евентуални постапки против актуелната власт.
„Ова не е борба против корупцијата, туку класично подготвување терен за политички прогон“, истакнуваат од СДСМ, додавајќи дека најавувањето судски процеси од страна на премиерот е спротивно на основните принципи на демократијата.
Во соопштението се потенцира дека ваквото однесување е спротивно на вредностите утврдени во Договорот за Европската Унија и на Копенхашките критериуми, кои Северна Македонија треба да ги исполни на патот кон членство во Европската Унија.
СДСМ најави дека за случајот ќе ги информира релевантните европски институции, меѓу кои и европратеникот Томас Вајц, Делегацијата на ЕУ во Скопје, Европската комисија и Венецијанската комисија на Советот на Европа.
„Ќе бараме итна реакција и јасна порака дека ваквото однесување не е прифатливо за држава што претендира да стане членка на ЕУ“, се наведува во соопштението.
Од партијата нагласуваат дека сите граѓани и функционери треба да бидат еднакви пред законот, но предупредуваат дека ниту еден премиер нема право да ги користи институциите како средство за политички пресметки.
„Дојде време Мицкоски да престане да се води од ‘чувства’ и да се соочи со принципите на правдата и одговорноста“, порачуваат од СДСМ.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

