30 август 2026
• од Темелко Тошев
„Додека САД и сојузниците јасно укажуваат на заканите од источните влијанија, министер во Владата отворено промовира соработка со Кина и дејствува против стратешките интереси на земјата“, порачаа од СДСМ.
Од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) огласуваат сериозни обвинувања кон актуелната владина поставеност, истакнувајќи дека потпретседателот на Владата и министер, Иван Стоилковиќ, преку своите чекори и изјави ја потврдува политиката на спротивставување на евроатлантските интеграции на државата.
На прес-конференцијата одржана од страна на Кети Штерјова, од партијата истакнаа дека се остварува сето она на што тие претходно предупредувале – дека министерите во власта на Христијан Мицкоски отворено работат на туѓи геополитички агенди.
„По години застапување на српски и руски интереси, по милијарда евра кредит со кинески пари кој Мицкоски го обезбеди преку Орбан, сега Стоилковиќ промовира нови проекти со кинески капитал. Најавува стратешки инвестиции со Кина и бизнис-интереси на туѓи земји“, стои во реакцијата на СДСМ.
Од партиската говорница беше нагласено дека додека САД и меѓународните партнери јасно гледаат во Кина и Русија закана за стабилноста и евроатлантската иднина на регионот, а стратешките документи на Стејт департментот ги третираат како малигни актери кои ја користат нестабилноста на Западен Балкан, дел од македонската влада отворено ги застапува тие интереси.
„Стоилковиќ јавно удира врз стратешките интереси на Македонија. Ништо не е случајно. Ова е свесна политика на Мицкоски и неговата група – да ја држат Македонија далеку од Европската Унија, во изолација, а поблиску до авторитарни сили и источни влијанија“, порачуваат од опозициската партија, додавајќи дека граѓаните заслужуваат европска иднина, а не да бидат заложници на туѓи интереси.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

