21 мај 2026
• од Темелко Тошев
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) остро реагираше на, како што го нарекува, директното организирање на граѓани на Северна Македонија од страна на ВМРО-ДПМНЕ за учество на митинг во Куманово, пред конзулатот на Србија, со цел поддршка на српскиот претседател Александар Вучиќ.
Според СДСМ, предупредувањата кои секојдневно се упатуваа изминативе месеци – дека Вучиќ врши директно политичко влијание во Северна Македонија – сега добиваат јавна потврда преку активностите на владејачката партија.
„Со месеци предупредувавме дека Александар Вучиќ има директно влијание врз политичките случувања во земјата. Денес, ВМРО-ДПМНЕ отворено организира македонски граѓани да учествуваат на собир пред Конзулатот на Србија во Куманово, како поддршка на Вучиќ. Ова е јасен доказ дека странските интереси се ставаат над македонските државни интереси.“
Опозициската партија посочува дека од промотивните материјали кои се споделуваат низ државата, јасно се гледа дека собирањето на учесниците е предвидено пред Конзулатот на Србија во Куманово, од каде тие потоа ќе се упатат кон Белград.
СДСМ го оценува овој потег како неприфатливо и срамно мешање во внатрешните работи на друга држава, нагласувајќи дека ниту една сериозна европска партија не организира свои граѓани за политички демонстрации за поддршка на странски лидери.
Партијата додава дека оваа ситуација е тесно поврзана со концептот кој европските институции веќе го идентификуваа како „Српски свет“, преку кој Србија се обидува да оствари политичко и стратешко влијание во земјите од регионот.
Социјалдемократите изразуваат сериозна загриженост поради зголеменото влијание на српските и руските структури. Според нив, наместо да го штити суверенитетот, владата ги отвора вратите за влијанија кои немаат ништо заедничко со европските вредности.
СДСМ тврди дека во организирањето на оваа активност директна улога имал вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ.
„Според нашите информации, во оваа организација директно е вклучен Иван Стоилковиќ, еден од најблиските соработници на премиерот Мицкоски, по контактите и координацијата остварени изминативе денови со високи владини функционери во Србија. Ова не е случајност, туку дел од една политичка координација која станува сè поочигледна.“
Од партијата посочуваат дека граѓаните јасно ја препознаваат истата политичка и идеолошка мрежа на оската Орбан, Вучиќ и Мицкоски. „Додека ВМРО-ДПМНЕ лажно се претставува како заштитник на македонските интереси, нејзините функционери мобилизираат граѓани за поддршка на странски политички проекти“, велат од СДСМ.
На крајот од реакцијата, СДСМ упати повик за итни реформи и враќање на државата на европскиот колосек: „Дојде време да престане слугувањето на туѓи интереси на територијата на Северна Македонија. Граѓаните заслужуваат институции кои работат за државата. Нашата иднина е во Европа, а не во проекти кои нè оддалечуваат од демократските стандарди.“
Новите блокови на АЕЦ „Козлодуј“ ќе донесат 55 милијарди евра за бугарската економија
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

