25 мај 2026
• од Темелко Тошев
Премиерот Христијан Мицкоски изрази подготвеност за дискусија околу употребата на јазиците при полагањето на правосудниот испит. Говорејќи на свечената академија во црквата „Св. Софија“ во Охрид, по повод Денот на сесловенските просветители „Св. Кирил и Методиј“, тој нагласи дека заедниците треба да го имаат правото да напредуваат и да го користат својот јазик, но исклучиво во рамките на Уставот и законите.
Понатаму, тој додаде дека образованието е клучот за развојот и дека одлуките во оваа сфера мора да ги надминат дневно-политичките интереси. Мицкоски најави дека набрзо може да се постигне заедничко решение кое ќе биде прифатливо за сите, пренесува ТВ21.
Мицкоски потенцираше дека е важно разговорите за оваа тема да се постават во правилна призма, со фокус на зајакнување на образовниот систем:
„Колку и да нè привлекуваат дневните теми, важно е да се посветиме на некои од нив. Колку и да има политика и заднински интереси во наметнувањето на темата за употреба на јазиците при полагањето на правосудниот испит, јас сум подготвен и на одреден начин ми е драго што конечно можеме да зборуваме за образованието, но разговорите дефинитивно мора да се постават во вистинската призма.
Јас сум подготвен да помогнам во секој процес што би значел подобро и посилно образование. Сметам дека вратата на можностите и излезот и спасот за секого е токму силното образование. Тоа нè прави посилни и ја гради нашата иднина. Единствената шанса за успех е учењето, посветеноста и отворањето на нови перспективи.“
Премиерот подвлече дека унапредувањето на правата на заедниците не смее да го загрози државниот идентитет:
„Немам никаква пречка да се зборува за темите кои денес се актуелни и секоја заедница да има право да напредува и да го користат својот јазик, секако додека тоа е во рамките на Уставот, законите и додека се почитува нашиот идентитетски печат – македонскиот јазик.“
На крајот од своето обраќање, Мицкоски предупреди на опасностите од деструктивни политички агенди кои го злоупотребуваат соживотот за лични интереси:
„Затоа, многу брзо ќе дојдеме до решение кое сите треба да го поддржиме и кое ќе ги надмине индивидуалните партиски и можеби политички интереси и тенденции да заглавиме во уште една националистичка замка. Историјата нè учи дека таквите замки се најдобриот метод на оние кои имаат лични криминални или други интереси и кои редовно се кријат зад вакви теми, кои се покритие за вистинските намери за злоупотреба на соживотот и создавање пречки“, изјави Мицкоски.
ВМРО-НП реагира: ДПМ ќе добие претседател заговорник на великосрпската политика
Хуманитарна акција: Помош за лекување на 14-годишниот Марко Џолевски во Турција
Историја во Атина: Бугаринот Александар Везенков е шампион на Европа со Олимпијакос!
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

