04 октомври 2026
• од Тодор Вангелов
Бугарската претседателка Илијана Јотова изјави дека Софија е подготвена за нови разговори со Скопје, но посочи дека случајот со Ива Михаилова е едно од прашањата што, според неа, треба да бидат решени.
Јотова ги даде изјавите за време на посетата на Благоевград, каде што учествуваше на одбележувањето на 114 години од ослободувањето на градот.
Изјавата доаѓа по посетата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Скопје во петокот. Таа порача дека внесувањето на Бугарите во Уставот е клучниот следен чекор за отворање на првиот преговарачки кластер и го нагласи значењето на дијалогот и добрососедските односи во европскиот процес.
Премиерот Христијан Мицкоски побара Европската Унија да биде вклучена во разговорите со Бугарија и да помогне во процесот. Фон дер Лајен, сепак, го упати Скопје кон директен билатерален дијалог со Софија и предложи да се искористи претстојната посета на министерот Тимчо Муцунски за средба со бугарската страна.
По нејзиниот совет, македонската страна испрати дипломатска нота со барање за средба во Софија. Со тоа, Фон дер Лајен практично ги раздвои европскиот и билатералниот дел од процесот: од страна на ЕУ, клучниот следен чекор останува внесувањето на Бугарите во Уставот, додека прашањата во односите со Бугарија треба да се решаваат преку директен дијалог и градење добрососедски односи меѓу Скопје и Софија.
Како што пренесува бугарскиот портал „Таралеј“, Јотова изјавила дека Бугарија веќе го покренала случајот со Михаилова пред европски и меѓународни институции.
„Јас прво би сакала да се реши прашањето со Ива Михаилова, бидејќи го однесовме до највисоките европски и светски институции“, изјави Јотова.
Таа додаде дека лично ѝ пишала на македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова за случајот, но, според нејзините зборови, сè уште нема одговор.
Јотова потврди дека Бугарија е подготвена за дијалог, но нагласи дека разговорите треба да се водат без ултиматуми и во рамките на европскиот процес.
Таа најави дека ќе разговара со бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова и дека сака да ја види содржината на нотата испратена од македонската страна пред да се утврдат следните чекори.
Јотова порача дека односите меѓу двете земји треба да се разгледуваат во контекст на европската интеграција на Северна Македонија и повика на умерен оптимизам за можните идни разговори.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

