14 септември 2026
• од Темелко Тошев
Добија ветување за чист и среден кеј, но граѓаните секојдневно шетаат покрај ѓубре. Едно од најпосетуваните места во Скопје има сосема поинаква слика од најавената, а граѓаните реагираат дека кејот на Вардар сè повеќе им наликува на запуштена локација отколку на место за рекреација.
На патеките кои водат до шеталиштето веќе се создаваат мини депонии. Ѓубре има буквално насекаде – расфрлано е покрај кантите, во зеленилото и на самите патеки за рекреација, каде што може да се забележат и животни како кози и коњи кои слободно се шетаат. Граѓаните се револтирани и се жалат дека со денови наоколу мириса на изгорено, поради што не можат ниту да ги отворат прозорците од своите домови за да проветреат.
Од друга страна, надлежните институции велат дека континуирано работат на решавање на овој проблем со сметот. Од Општина Карпош посочуваат дека секојдневно се справуваат со дивите депонии и несовесното одлагање на отпадот. Вработените од нивниот Сектор Инспекторат и екипите за грижа на јавната хигиена постојано се на терен, ги следат критичните локации и интервенираат, а општината редовно им излегува во пресрет и на комуналните служби на Град Скопје при расчистување на поголеми количини кабаст отпад.
Како што информираат, во соработка со Град Скопје била спроведена и засилена шестнеделна акција со дежурства на клучните точки. За време на акцијата биле изречени повеќе од 50 казни за физички лица кои несоодветно одлагале отпад.
Сепак, скопјани не се задоволни од начинот на кој градот се справува со дивите депонии. Доколку во минатото тие биле лоцирани на сокриени места, граѓаните реагираат дека сега се појавуваат насекаде во урбаните населби. „Порано беше почисто, сега е попрљаво. Се надевавме дека сега ќе биде почисто, но не гледам некоја промена“, револтирано коментира еден граѓанин. „Па сепак гледам премногу отпад“, вели друг граѓанин, додека трет додава: „Не знам дали има решение на толку голем град, на толку многу луѓе“.
Во обид да се стави крај на ваквата слика, Град Скопје донесе предлог-одлука со која е предвидено поставување на 30 камери низ територијата на градот. Една од главните цели на овој видео-надзор ќе биде спречување на формирањето на диви депонии, но преку камерите исто така ќе се штити јавната опрема и инфраструктура од вандализам и ќе се следи сообраќајот низ Скопје. Останува да се види дали овие мерки конечно ќе го решат проблемот со нечистотијата во главниот град.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

