22 август 2026
• од Темелко Тошев
Историскиот наратив кој го сведува Илинденското востание главно на Крушевската Република е идеолошки конструкт наметнат по Втората светска војна, смета политичарот и поранешен директор на Државниот архив, Филип Петровски. Во своето најново излагање, тој отвори дебата за вистинските размери на востанието од 1903 година, повикувајќи на пошироко согледување на историските факти.
Според Петровски, концентрирањето исклучиво на Крушево во историската меморија и образовниот систем е резултат на политички компромиси од минатото.
„Освен задоволување на левичарски контекст после 1945 година во смисла на сојузна комунистичка Југославија и некаков контра-партнер од Грција, нема никаква логика да се концентрираме и да учиме само за Крушево“, посочува Петровски.
Тој нагласува дека востанието не било локален, туку масовен општонароден бунт кој се одвивал на огромна територија. За да ја илустрира големината на судирот, Петровски истакнува дека османлиската војска морала да мобилизира огромни сили.
„Секаде имало востание. Тоа било толку големо востание што аскерот имал преку 150.000 ангажирани војници“, додава тој.
Како клучен доказ за масовноста и трагичноста на Илинденската епопеја, Петровски се повикува на документ објавен 18 години по востанието, односно во 1921 година. Станува збор за обемен извештај подготвен од Ванчо Михајлов, кој во тоа време, како млад деец, дејствувал во својство на секретар на Тодор Александров и ВМРО.
„Во извештајот е содржан целосен преглед со сите битки, со комплетен број на учесници од страната на ВМРО и од страната на аскерот. Наведени се загинати и ранети, бројот на опожарени куќи, како и силувани жени. Извештајот е застрашувачки“, открива Петровски, најавувајќи дека документот ќе го презентира во јавноста.
Врз основа на овие историски податоци, Петровски заклучува дека вистинската слика за Илинден е многу поширока од онаа што традиционално се предава.
„Тој извештај покажува, според мое мислење, најмалку десет пати поголема епопеја од Крушевската Република“, поентира Петровски на крајот од своето излагање.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

