10 октомври 2026
• од Гоце Кически
Православните верници денеска, 10 октомври, го празнуваат Светиот маченик Калистрат, кој заедно со уште 49 војници го положил животот за христијанската вера во 304 година.
Според црковното предание, Свети Калистрат бил роден во Картагена, во христијанско семејство. Неговите предци ја прифатиле христијанската вера уште во времето на Исус Христос и ја пренесувале од генерација на генерација.
Калистрат служел како војник во време кога христијаните биле прогонувани. Бидејќи бил единствениот христијанин во својот полк, неговите другари го пријавиле кај војсководецот Персентин, откако го забележале како ноќе се моли на Бога.
Кога одбил да им принесе жртва на паганските богови, бил сурово мачен и фрлен во морето. Според преданието, чудесно преживеал, што поттикнало уште 49 војници да ја прифатат христијанската вера.
Сите биле затворени и подложени на мачење, но не се откажале од својата вера. Во 304 година, Калистрат и неговите 49 другари биле убиени во затворот. Подоцна, врз нивните мошти била изградена црква.
Православната црква ги почитува како маченици и симболи на непоколеблива вера, храброст и истрајност. Денеска именден празнуваат оние што го носат името Калистрат.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

