28 април 2026
• од Стефан Николов
Заменик генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, на посета во Обединетото Кралство, каде учествуваше на инаугурацијата на мрежата за капитал на Иницијативата за одбранбени иновации за Северноатлантскиот регион (DIANA) во Лондон, како и на средби со студенти на Универзитетот Оксфорд.
На настанот во Лондон, посветен на поврзување на индустријата, експертите и иноваторите, Шекеринска нагласи дека иновациите се клучен фактор во современото војување. Таа во своето обраќање истакна дека технолошките напредоци директно влијаат врз исходите на бојното поле, додавајќи дека Алијансата мора да остане пред предизвиците преку зголемени инвестиции и побрза имплементација на нови решенија.
Иницијативата DIANA има за цел да ја засили соработката меѓу јавниот и приватниот сектор во развојот на нови одбранбени технологии, со фокус на стартапи и иновативни компании.
Претходно, заменик генералната секретарка учествуваше во дискусија со студенти и професори на Факултетот за јавна политика „Блаватник“ при Универзитетот Оксфорд. Таа ги претстави приоритетите за претстојниот Самит на НАТО во Анкара, потенцирајќи ја потребата сојузниците да ги зголемат одбранбените трошоци, да го забрзаат производството на одбранбена опрема и да ја задржат поддршката за Украина.
Шекеринска подвлече дека единството и координацијата меѓу сојузниците остануваат суштински за справување со безбедносните предизвици во евроатлантскиот регион.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

