28 април 2026
• од Никола Трајковски
Воениот комитет на НАТО, предводен од неговиот претседавач адмирал Џузепе Каво Драгоне, ја посети мисијата КФОР на Косово. Посетата се одржа во базата Камп Филм Сити во Приштина и беше насочена кон улогата на КФОР во одржувањето на безбедна и стабилна средина во регионот.
Во рамки на посетата, командантот на КФОР, генерал-мајор Озкан Улутас, одржа воведно брифирање во кое ги истакна континуираните и ефективни напори на Алијансата во обезбедувањето сигурност во Косово, со посебен акцент на слободата на движење. Тој потенцираше дека активностите на мисијата се засноваат на мандатот утврден со Резолуцијата 1244 од 1999 година на Совет за безбедност на Обединетите нации, како и на Воено-техничкиот договор меѓу НАТО, Сојузна Република Југославија и Србија.
За време на работните сесии, членовите на Воениот комитет беа информирани и од претставници на ЕУЛЕКС, ОБСЕ и УНМИК, кои ги презентираа своите активности и координацијата со безбедносните структури на терен.
КФОР функционира во рамки на Поглавје VII од Повелбата на Обединетите нации, што ја дефинира како операција за наметнување мир. Мисијата брои околу 4.700 војници од 33 сојузнички и партнерски земји, кои заеднички работат на обезбедување стабилност и сигурност за сите заедници во Косово. Во тесна соработка со косовската полиција и ЕУЛЕКС, тие придонесуваат за одржување на јавниот ред и слободното движење.
Покрај безбедносната улога, КФОР активно го поддржува развојот на професионални, демократски и мултиетнички безбедносни структури во Косово. Нивниот мандат опфаќа спречување на обновување на непријателства, гарантирање на јавната безбедност, демилитаризација на поранешните вооружени формации, поддршка на хуманитарните напори и координација со меѓународното цивилно присуство во регионот.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

