16 јуни 2026
• од Темелко Тошев
Конечниот ревизорски извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за работењето на Врховниот суд во 2024 година слика загрижувачка состојба во највисоката судска инстанца во државата. Недостиг на судии, испразнети административни позиции, незаконски скратен буџет, но и активни тужби од сопствените вработени се само дел од сериозните предизвици со кои се соочува Судот.
Според наодите на државните ревизори, во моментов се во тек дури 28 судски постапки во кои Врховниот суд се јавува како тужена страна. Тужбите се поднесени од вработени по основ на права и надоместоци од работен однос.
Вкупната вредност на овие побарувања изнесува 4,28 милиони денари, односно околу 70.000 евра. Ревизорите нотираат дека конечниот исход од овие предмети е сè уште неизвесен, што претставува дополнителен финансиски ризик за институцијата.
Алармантен е податокот за недостигот на делители на правдата во највисокиот суд во земјава.
Ова значи дека Судот функционира со само половина од потребниот судиски капацитет. Дополнителен удар врз ефикасноста е фактот што Врховниот суд уште од септември 2023 година функционира без судски администратор, позиција која е клучна за организацијата и управувањето со судската служба.
Кадровската криза не ги одминува ниту безбедносните структури во Судот. Од предвидените осум работни места за судска полиција, пополнети се само пет.
Ваквиот дефицит довел до сериозно кршење на законите за работни односи – исплатени се дури 781 час прекувремена работа, што драстично го надминува законски дозволениот максимум од 190 часа годишно по вработен.
Една од најсериозните системски забелешки во извештајот се однесува на финансирањето на судската власт на државно ниво.
За 2024 година, за судството биле издвоени 2,64 милијарди денари. Оваа сума претставува само 0,3% од домашниот бруто-производ (БДП), што е далеку под законски загарантираниот минимум од 0,8%.
Предупредување од ревизорите: „Ваквата состојба може директно да влијае врз ефикасноста, независноста и стабилноста на судската власт, како и врз спроведувањето на неопходните реформи во правосудниот систем.“
Иако финансиските извештаи на самиот Врховен суд се оценети како објективни и точни, ревизорите апелираат на итно зајакнување на кадровските капацитети и обезбедување на стабилно и законски усогласено финансирање за да се спречи натамошна деградација на правосудниот систем.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

