05 мај 2026
• од Тодор Вангелов
Стоматолошката комора на Македонија изрази сериозна загриженост по информациите дека Управата за финансиска полиција поднела кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против поранешен претседател на Комората, како и против актуелниот претседател и членови на Комисијата за стручни стоматолошки прашања.
Според достапните информации, пријавата се однесува на сомневања за злоупотреба на службена положба и овластување. Од Комората велат дека внимателно ја следат ситуацијата и нагласуваат дека секоја форма на незаконско, неетичко и несовесно постапување е неприфатлива.
„Почитувањето на законите, професионалниот интегритет, транспарентноста и етичките стандарди се темел на нашето работење и на довербата во стоматолошката професија“, се наведува во реакцијата.
Актуелното раководство на Комората информира дека целосно соработува со надлежните институции со цел, како што велат, целосно расчистување на случајот и утврдување евентуална одговорност согласно законските процедури. Во меѓувреме, веќе се преземаат конкретни чекори за зајакнување на внатрешните контроли, зголемување на транспарентноста и унапредување на процедурите поврзани со лиценцирањето и континуираната едукација на стоматолозите.
Од Комората потенцираат дека актуелниот случај не смее да ја наруши довербата во професијата, ниту да ја доведе во прашање работата на илјадниците стоматолози во земјата.
„Овој случај не ја отсликува професионалноста, посветеноста и совесноста на стоматолозите кои секојдневно работат во интерес на здравјето на граѓаните“, додаваат од таму.
Стоматолошката комора на Македонија порачува дека останува цврсто посветена на заштита на интегритетот на професијата, унапредување на професионалните стандарди и обезбедување квалитетна стоматолошка здравствена заштита за сите граѓани.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

