10 август 2026
• од Темелко Тошев
Државните институции во Македонија очигледно не престануваат со срамната пракса на кроење огласи по мерка на партиските послушници. Најновиот скандал доаѓа директно од Министерството за култура и туризам, каде среде летните одмори, кога вниманието на јавноста е намалено, се распишува оглас кој ги руши сите граници на здравиот разум.
Како што алармира политичката партија Левица, Министерството објавило оглас за вработување на двајца посебни советници во Кабинетот на министерот. Едниот треба да биде советник за правни работи, за што се бара само една година работно искуство (што е крајно несериозно за толку висока и платена позиција), додека вториот треба да биде „советник за култура“.
Но, тука лежи вистинскиот апсурд. За да бидете советник за култура во ова Министерство, очигледно не ви е потребно никакво знаење од областа на уметноста, културниот менаџмент, музеите, театарот или издаваштвото. Напротив, Министерството бара кандидатот исклучиво да има диплома по економија, и тоа конкретно од областа на меѓународните економски односи!
Се поставува логичното прашање: Што точно ќе советува еден економист за меѓународни односи во ресорот култура? Дали културата кај нас стана само ексел-табела за трошење пари или станува збор за брутално нацртан оглас за точно одреден кандидат со ваква диплома, кој веројатно веќе го чека своето биро во кабинетот?
Партиско вдомување под превезот на итност
Транспарентноста на овој оглас е приказна сама за себе. Имено, рокот за пријавување е мизерни три дена. Во овие 72 часа, потенцијалните кандидати треба да ги соберат сите потребни документи и да ги заварат на нотар. Од друга страна, Министерството ниту малку не брза – си оставило комфорни 45 до 120 дена за да го „избере“ најдобриот. Ова е класичен, веќе виден маневар во државната администрација за да се демотивираат вистинските професионалци, а да се протне однапред договорениот кадар кој документите си ги подготвил пред огласот воопшто да биде објавен.
Армија од советници не е доволна?
Ако ова не е доволно скандалозно, податокот дека Министерството за култура веќе има армија од дури 17 државни советници (највисокиот ранг во администрацијата) ја прелива чашата. Што точно работат овие луѓе? Зошто на министерот му се потребни уште дополнителни советници кои ќе ги чинат граѓаните 60.000 денари основна нето-плата месечно?
Наместо рационално да се искористи постоечкиот кадар, власта продолжува да ја цеди државната каса за измислени кабинетски позиции. Овој оглас е само уште еден доказ дека министерствата се претворени во партиски бироа за вработување.
Додека вистинските културни работници мака мачат со мизерни буџети и руинирани институции, власта си отвора нови, дебело платени места за своите војници. Со вакви „економски“ советници кои немаат допирна точка со уметноста, дното во македонскиот културен сектор е одамна пробиено.
Зголемена будност: Во Македонија потврдени 13 случаи на Западнонилска треска
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

